Народната банка има значајна улога во зачувувањето на монетарната и финансиската стабилност и создавањето стабилен и отпорен банкарски сектор, оценува Антонела Басани, потпретседателка на Светската банка за Европа и Централна Азија. Во интервју по повод 80-годишнината од централнобанкарското работење во земјава, Басани истакнува дека Народната банка е силна, кредибилна и независна институција, чии резултати се особено важни во услови на глобална економска и геополитичка неизвесност.
Таа ја нагласува и долгогодишната успешна соработка со Светската банка, која придонела за модернизација на платежниот систем, пристапување на Северна Македонија кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како и подготовките за воведување национален систем за инстант плаќања според европскиот модел. Според Басани, овие достигнувања носат конкретни придобивки за граѓаните и компаниите преку побрзи и поевтини трансакции, но и создаваат подобри услови за инвестиции и развој на малите и средните претпријатија.
Таа посочува дека Народната банка ќе има клучна улога и во процесот на европската интеграција, особено во усогласувањето на финансиската регулатива, супервизорските практики и платежните системи со европските стандарди.












