По катастрофалниот биланс во групната фаза од Лигата на нациите, македонската фудбалска репрезентација го дозна противникот во баражот за опстанок во Б-дивизијата. Ждрепката во седиштето на УЕФА во Нион одлучи избраниците на Гоце Седлоски да се соочат со селекцијата на Кипар, на двомеч што ќе ја одреди нивната иднина на ова натпреварување.
На прв поглед, Македонија доби противник по мера и ривал против кој има реални шанси да ја оствари целта. Сепак, доколку не дојде до сериозни промени во играта, пристапот и во односот на теренот, ниту Кипар нема да биде лесна пречка за нашата репрезентација. Името на противникот, можеби, носи одреден оптимизам, но мора да се потврди тоа и на теренот.
Македонија беше меѓу четирите носители на ждрепката, заедно со Израел, Романија и со Грузија, а можни противници беа и Естонија, Белорусија и Фарските Острови.
Бараж-двомечот ќе се игра на 25 и 30 март 2027 година. Нашата селекција ќе го одигра првиот натпревар на гостински терен, на Кипар, додека реваншот ќе се игра во Македонија, пред домашната публика.
Потсетување дека Македонија во претходниот циклус настапуваше во групата 1 од Б-дивизијата, но по очајните резултати заврши на последното место и сега мора преку бараж да го спасува статусот.
Пред Седлоски и неговите избраници се два исклучително важни натпревари. Победникот од двомечот ќе остане во Б-дивизијата за следното издание на Лигата на нациите, додека поразениот ќе се пресели во Ц-дивизијата. Македонија има јасна цел, но за нејзино остварување ќе мора да покаже многу повеќе од она што го прикажа во групната фаза, каде што запиша шест порази на исто толку натпревари.
Токму поради тоа селекторското столче на Седлоски е сериозно разнишано и доколку не го подобри впечатокот на бараж-дуелите со Кипар, сосема очекувано е да дојде и до крај на соработката. Веќе се споменуваат и неколкумина наследници што би можеле да го заземат неговото место, како Чезаре Правдели, Матјаш Кек…
Инаку, во полуфиналните дуели во А-дивизијата од Лигата на нациите, ждрепката посака реприза на полуфиналето од последниот Мундијал, во кое силите ги одмерија Шпанија и Франција. Тогаш победи „црвената фурија“, која подоцна и ја освои титулата.
Победникот од оваа двојка во полуфиналето ќе игра со победникот од дуелот меѓу Норвешка и Англија. Овие две селекции играа во четврт-финалето на Светското првенство, кога победи Англија со 2:1.
На другите два дуели, силите ќе ги одмерат Холандија и Португалија, односно Белгија и Германија.











