Новото германско младинско движење, кое повика на паневропски протести на Генерацијата Z најави дека сака да го следи примерот на српските студенти, кои со протестите и блокадите станаа еден од главните двигатели на политичките промени во својата земја.
Движењето „Gen Z regelt“ („Генерацијата Z ги презема работите во свои раце“) својата инспирација ја црпи од студентското движење во Србија, кое од 2024 година блокираше универзитети и организираше улични протести против власта на Александар Вучиќ. Ова за „Фајненшл тајмс“ го изјави Вероника Динтер, претставничка на берлинската група.
За разлика од Србија, целите на германското движење сè уште не се целосно дефинирани. Динтер, која е членка на левичарската партија „Левица“ (Die Linke), посочи дека главното незадоволство е насочено кон можноста за повторно воведување задолжителен воен рок во Германија, како и кон намалувањето на средствата за социјална заштита и образование, пренесе Бета.
„Убедени сме дека можеме да извршиме притисок врз владата на Мерц“, изјави Динтер.
Движењето организирало состаноци на универзитетите во пресрет на најавените протести. На нивната интернет-страница околу 18.000 луѓе се пријавиле за учество на демонстрациите во 40 германски градови. Во мобилизацијата се вклучиле и студентски здруженија и синдикати.
Повикот за нови протести доаѓа по студентските блокади и пошироките демонстрации во Франција минатиот месец, како и протестите во Шпанија и Италија, предизвикани од станбеното прашање, високите трошоци за живот и финансирањето на образованието.
Динтер вели дека особено ја охрабрил генералниот штрајк во Шпанија минатата недела, прв по 14 години, кој бил предизвикан од незадоволството поради недостигот на станови.
„Имам чувство дека во различни земји во моментов се случуваат работи какви што не сме виделе повеќе од една деценија. Луѓето се здружуваат и тоа навистина може да доведе до политички промени. Тоа многу ме инспирира“, изјави таа.
Според анализата на податоците на организацијата ACLED, која ги следи конфликтите и протестите, во октомври биле одржани повеќе од 1.100 демонстрации на кои учествувале најмалку 100 студенти или припадници на Генерацијата Z. Тоа е најголем број во последните шест години.
Ибрахим Сабра од проектот „Глобална слобода на изразување“ при Универзитетот Колумбија оценува дека мобилизацијата главно се одвива на национално ниво и е поврзана со локални проблеми – од пропаѓањето на училиштата во Франција до корупцијата во Албанија и Србија.
„Она што ги поврзува е убедувањето на младите дека одлуките за нивната иднина се носат без нивно учество и на нивна штета“, посочува Сабра.
Едно од најголемите заеднички прашања е образованието. Намалувањето на буџетите и хроничното недоволно финансирање ги изнесоа студентите на улиците во Франција, Италија, Германија, Австрија, Белгија, Грција и Данска. Во некои од овие земји протестите се одржуваат паралелно со зголемувањето на воените буџети.
Незадоволството дополнително го поттикнуваат растечките кирии и трошоците за живот, како и чувството дека политичките партии и институциите не ги слушаат младите.
Истражување на агенцијата „Југов“ (YouGov) покажува дека ставот на припадниците на Генерацијата З кон иднината станал сè попесимистички во последната деценија во најголемите европски економии.
Во Германија, покрај образованието и социјалната политика, незадоволството е насочено и кон повторното вооружување на земјата и плановите за повторно воведување задолжителни медицински прегледи за регрутација на младите мажи кои наскоро ќе наполнат 18 години.
Германската влада за следната година планира да издвои 27 милијарди евра повеќе за одбраната во споредба со 2026 година. Истовремено, буџетот на Министерството за семејство, млади и образование треба да биде намален за повеќе од четири проценти.
„Да немаше толку огромни вложувања во вооружувањето, веројатно немаше да има толку кратења во образованието и другите области на социјалната политика“, смета Динтер.
Незадоволството од животниот стандард и образовниот систем е сè поголемо. Прашањето за реформите во образованието, кое е во центарот на протестите во Франција и Италија, е актуелно и во Германија, каде што Сојузната студентска конференција еден петок од протестите го посветила токму на ова прашање.
Сепак, политикологот Нина Колек од Универзитетот во Потсдам смета дека германското младинско движење сè уште нема јасно дефинирана насока.
Таа посочува дека во Шпанија главното прашање се високите кирии, во Србија незадоволството од корупцијата и власта, додека во Франција фокусот е ставен на образовниот систем. Во Германија, според неа, сè уште не е јасно околу кои конкретни барања се обединуваат демонстрантите.
Младите во Германија, додава таа, сè уште немаат постигнато јасен консензус за прашањата за кои сакаат да се залагаат.
Алекс Брајсон од платформата „Пулсар“ оценува дека протестите не се прошириле на вообичаениот начин, бидејќи има многу малку заеднички хаштагови, пораки или инфлуенсери што ги поврзуваат демонстрациите низ Европа. Еден од ретките заеднички симболи е пиратското знаме со череп и вкрстени коски и сламен шешир од јапонската аниме-серија „One Piece“, кое во последните години стана симбол на бунтот на младите ширум светот.
Првите протести на германското движење „Gen Z regelt“ се одржаа на 31 октомври во повеќе од 30 градови, со учество на десетици илјади луѓе. Сепак, како и во Франција и Италија, главно мирните демонстрации беа засенети од насилни судири со полицијата и случаи на ограбување, особено во Франкфурт.
Ејми Кирхоф, поранешна претседателка на Сојузната студентска конференција, изјави дека протестите на Генерацијата З ѝ влеале голема надеж, бидејќи покажале дека младите не се аполитични, незаинтересирани или мрзливи.
„Но, важно е протестите да бидат мирни“, порача таа.












