Обвинителството поднесе обвинение за смртта на работникот во Охрид, но зад оваа трагедија стои многу поширок проблем – газдите не ги почитуваат ни основните правила за заштита, а работниците плаќаат со живот. Се штеди на огради, опрема и обука, додека безбедноста останува на последно место. Бројките се поразителни: 31 загинат работник за една година, а речиси сто илјади лица во 2025 година работеле непријавени и извршувале работни задачи без соодветна обука, без здравствени прегледи и без јасно утврдени услови за безбедност

И покрај законските обврски и пропишаните стандарди за безбедност и здравје при работа, работниците во Македонија и натаму ги губат животите поради негрижа, неодговорност и непочитување на мерките за заштита од страна на работодавците. Последниот случај во Охрид, во кој работник го загуби животот откако падна во необезбедено лифтовско окно во зграда во изградба, покажува дека сè уште има работни места на кои се занемаруваат и најосновните правила за заштита, а последиците од таквата неодговорност се фатални.

Основното јавно обвинителство Охрид вчера поднесе обвинителен предлог против две физички и две правни лица, поради сомневања за повеќе кривични дела поврзани со загрозување на општата сигурност, повреда на правата од работен однос и непреземање мерки за заштита при работа.

Според обвинението, трагедијата била последица на низа пропусти кои можеле да бидат спречени доколку биле почитувани законските и техничките правила. Имено, објектот во изградба немал заштитна ограда околу лифтовското окно, скалите биле без огради, градилиштето не било одржувано во уредна состојба, а влезот не бил обезбеден од неовластен пристап.

– Во такви услови, четворица работници биле ангажирани за пренесување мебел, при што еден од нив се сопнал од кофа оставена во ходникот, ја загубил рамнотежата и паднал низ необезбеденото лифтовско окно од четвртиот кат до подрумските простории. Починал на самото место – се нотира во обвинителниот акт.

Особено загрижувачки е фактот што, според обвинителството, починатиот Кристијан Љушев бил ангажиран без договор за вработување, односно во целосно непријавен работен однос. Утврдено било дека тој работел како помошник монтер без претходна основна обука за безбедност и здравје при работа, без здравствен преглед и без соодветни упатства за работа во услови со зголемен ризик. Дополнително, работните задачи ги извршувал без претходен увид и процена на работната средина, врз основа на усмен налог од управителот.

Овој случај не е изолиран инцидент, туку уште еден показател дека непочитувањето на прописите за безбедност при работа продолжува да создава услови во кои работниците се изложени на опасни ситуации. И во досегашните трагедии кои завршиле со тешки повреди или загубени животи, често не стојат непредвидливи околности, туку конкретни пропусти, како необезбедени градилишта, немање или неупотреба на заштитна опрема, обука за безбедност при работа која не се реализирала, непријавени работници и отсуство на процена на ризикот. Тоа се законски обврски што работодавците се должни да ги исполнуваат, а не мерки што можат да ги применуваат само кога имаат дополнително време или средства.

Колку е сериозна состојбата покажуваат и податоците од извештајот на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР), објавен во април 2026 година, според кој во текот на 2025 година во земјава биле евидентирани 132 несреќи при работа, од кои 31 завршиле со смртен исход. Особено алармантен е податокот дека бројот на загинати работници е речиси двојно зголемен во споредба со 2024 година, кога биле регистрирани 17 смртни случаи.

Распределбата на несреќите по дејности открива дека опасностите се присутни во повеќе сектори од економијата, но одредени гранки се издвојуваат по бројот на регистрирани случаи. Најголем број од несреќите во 2025 година се случиле во преработувачката индустрија, каде биле евидентирани 33 случаи, по што следува градежништвото со 15 несреќи. Потоа се јавната управа и одбраната со 12 случаи, како и дејностите на домаќинствата со 11.

Дополнително загрижува фактот што бројот на несреќи од година во година се зголемува. Ако во 2023 година биле регистрирани 108 несреќи при работа, во 2024 година 133, а во 2025 година 132. Истовремено, бројот на тешки повреди се зголемил од 93 во 2023 на 116 во 2024 година, што дополнително ја нагласува сериозноста на проблемот. Според податоците на Македонското здружение за заштита при работа, од 2021 до 2025 година најмалку 161 работник го загубил животот на работното место.

Според истиот извештај, 94.847 лица работат непријавени и тие практично извршуваат работни задачи без соодветна обука, без здравствени прегледи и без јасно утврдени услови за безбедност, на што и обвинителството посочува во случајот во Охрид. Со цел да спречи статусни промени и оттуѓување на имотот на правните лица во текот на постапката, јавниот обвинител до Основниот суд во Охрид достави и предлог за определување мерка за обезбедување – Забрана за статусни промени во двете обвинети фирми.

Од Синдикатот за градежниство постојано предупредуваат дека состојбата во секторот е сериозна и дека градежништвото во земјата се наоѓа меѓу најризичните во светски рамки. Оттаму сметаат дека проблемот со безбедноста на работниците не се третира со доволна сериозност од страна на инвеститорите и на работодавачите и во пракса често се гледа како дополнителен трошок, наместо како неопходна инвестиција, поради што  изминативе години нема случаи некој да завршил зад решетки и да одговара.

ЦИВИЛ – Центарот за слобода бара засилен инспекциски надзор, доследна примена на законите и усогласување со европските директиви, особено во делот на психосоцијалните ризици.

– Безбедноста на работа не е луксуз, туку основно право. Не смее профитот да биде поважен од човечкиот живот – порачуваат од организацијата, додавајќи дека ќе продолжат да се борат за достоинствени услови за работа и за заштита на секој работник.

(С.Бл.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ