петок, ноември 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА По ударите од насилникот, жените се соочуваат и со осудите од јавноста

По ударите од насилникот, жените се соочуваат и со осудите од јавноста

0

П.Антеска

Секундарната виктимизација ја продлабочува траумата на жените што преживеале насилство, а коментарите на социјалните мрежи, обвинувањата и доведувањето на нивното однесување во прашање може да ги обесхрабрат и другите жртви да побараат помош. Дипломираниот криминологот Дејана Спасовска предупредува дека институционалната заштита мора да биде суштинска, а не формална. Постојаната координаторка на ОН во земјава, Рита Колумбија, оценува дека зголемувањето на пријавите за 70 отсто во првите десет месеци од годинава е сигнал дека се крши молкот, но и дека мора да биде проследена секоја пријава со вистинска заштита

По ќотекот, повредите, траумата, жените што преживеале насилство се соочуваат и со осудата од дел од јавноста, преку недолични коментари на социјалните мрежи. Наместо да се осуди насилникот, некои често ги анализираат однесувањето, приватниот живот и одлуките на жената. Прашањата зошто не заминала, зошто молчела или зошто повторно се вратила во врската стануваат уште еден товар за жената што веќе минала низ трауматично искуство.

Случаите со претепаната Сара од Охрид и со младата жена од Битола повторно ја доведоа во прашање одговорноста на институциите, но и односот на задницата кон жртвите. Во двата случаи, јавниот притисок беше важен фактор во вниманието што го добија предметите и во барањето одговори за постапувањето на надлежните. Но, покрај институционалната реакција, се појави и друга форма на притисок – негативните коментари на социјалните мрежи, од типот „сама си го барала“, со кои дел од јавноста ја доведува самата жртва во прашање.

Криминологот Дејана Спасовска објаснува дека пријавувањето на насилството не значи и крај на борбата на жената. Напротив, тоа може да биде почеток на долг процес во кој таа повторно и повторно треба да зборува за преживеаното искуство, да дава искази, да поминува медицински прегледи и вештачења и да учествува во судски постапки. Доколку не се спроведуваат овие процеси со соодветна чувствителност и професионалност, наместо заштита, жртвата може да доживее нова траума.

– Жртвата на семејно и на партнерско насилство не се соочува само со физичките последици од насилството туку и со длабока психолошка и емоционална траума. Стравот, чувството на вина и срам, несигурноста, губењето на довербата и постојаната грижа за сопствената безбедност се само дел од последиците со кои се соочува. Пријавувањето на насилството не значи и крај на нејзината борба. Напротив, тоа често е почеток на нов, тежок процес што вклучува разговори со полицијата, медицински прегледи, давање искази, вештачења и судски постапки. Секој од овие чекори може дополнително да ја оптовари жртвата доколку не се спроведува со соодветна чувствителност, емпатија и професионалност – посочува Спасовска.

Таа нагласува дека институционалниот третман има суштинско значење, а жртвата мора да биде третирана со почит, без осуда, предрасуди и доведување во прашање на нејзиниот кредибилитет. Потребни се заштита на приватноста, избегнување непотребно повторување на трауматичното искуство и психолошка, правна и социјална поддршка. Особено значајни се индивидуалната и навремена процена на ризикот, соодветните заштитни мерки и континуираното следење на безбедноста на жената.

Покрај институционалната, сериозен проблем е и виктимизацијата од околината. Коментарите со кои се обвинува жената, се минимизира насилството или се бара оправдување за однесувањето на сторителот може дополнително да го засилат чувството на вина и срам. Кога ќе се соочи жртвата со јавна осуда наместо со поддршка, таа може да се повлече, да ја загуби довербата во околината и да се почувствува како повторно да мора да се правда за она што ѝ се случило.

– Секое несоодветно постапување, минимизирање на насилството, обвинување на жртвата, недовербата и изложувањето на дополнителен притисок може да ја продлабочат нејзината траума. Наместо да добие поддршка и заштита, таа повторно се соочува со повреда, овој пат предизвикана од системот и од општеството. Затоа е неопходно да се воспостави јасен и стручен пристап во постапувањето со жртвите, со обучени професионалци, психолошка и правна поддршка и заштита од јавна изложеност, стигматизација и сензационалистичко медиумско известување. Заштитата на жртвата не е само законска обврска туку и показател за одговорноста и зрелоста на институциите и на општеството – вели Спасовска за весникот ВЕЧЕР.

ИЗДВОЕНИ