Вработените во американската компанија за вештачка интелигенција „Антропик“, која стои зад популарниот систем „Клод“, се најдоа меѓу најголемите добитници од нејзиното излегување на Волстрит. Уште првиот ден од тргувањето, акциите на компанијата забележаа раст од 17 проценти, достигнувајќи цена од 97,17 долари.
Со тоа, пазарната вредност на „Антропик“ достигна неверојатни 1,76 билиони долари, а илјадници вработени станаа милионери барем според вредноста на акциите што ги поседуваат.
Компанијата се наметна како една од водечките сили во индустријата за вештачка интелигенција, пред сè благодарение на својот исклучително популарен алат за програмирање „Клод код“ (Claude Code). Станува збор за агент со вештачка интелигенција кој може самостојно да пишува програмски код, да извршува команди и да пристапува до датотеки за да извршува задачи наместо корисниците.
Алатката брзо стана хит меѓу програмерите, но и меѓу луѓето кои не се занимаваат со програмирање. Тоа ѝ овозможи на компанијата да се позиционира како значаен играч и во деловниот сектор, каде што нејзините решенија сè повеќе се применуваат во финансиите, правото и маркетингот.
Развојот на „Клод код“ го предводи 35-годишниот Борис Черни, кој отворено ја истакнува својата љубов кон програмирањето. Тој во една прилика изјавил дека токму љубовта кон пишувањето код е причината поради која повеќето луѓе одлучуваат да станат инженери.
Како прва компанија од областа на вештачката интелигенција што излегува на берза, „Антропик“ би можела да постави нови стандарди за целиот технолошки сектор.
Во рамки на иницијалната јавна понуда (IPO), компанијата продаде 980 милиони акции по цена од 83 долари, над првично предвидениот ценовен опсег од 70 до 78 долари.
Приходите од понудата би можеле да достигнат 93,5 милијарди долари доколку организаторите ја искористат и опцијата за дополнителна продажба на акции. Вкупната сума, според објавените податоци, надминува 107 милијарди долари кога ќе се вклучат и дополнителните 26 милијарди долари обезбедени преку приватно пласирање.
Меѓу инвеститорите во приватното пласирање се најдоа големи технолошки компании како AMD, Broadcom, Google, Micron, Microsoft, Nvidia и TSMC.
Сепак, најголемото внимание го привлекува богатството што го стекнаа вработените. Според проценките објавени од платформата Hill.com, која овозможува купување и продавање акции во приватни компании пред нивното излегување на берза, поголемиот дел од вработените во „Антропик“ сега поседуваат акции вредни најмалку милион долари.
Компанијата за помалку од шест години порасна на околу 5.300 вработени, кои меѓусебно се нарекуваат „Мравки“.
Според CNN, околу 5.100 вработени поседуваат капитал вреден повеќе од еден милион долари. Од нив, 2.800 имаат имот во акции вреден над 10 милиони долари, додека околу 600 вработени располагаат со удели чија вредност надминува 100 милиони долари.
Особено големо богатство поседуваат и седумтемина коосновачи на компанијата, чии удели се проценуваат на околу 18 милијарди долари по човек.
Од историското излегување на берза не профитираа само вработените и основачите. Значителни приходи остварија и финансиските институции што ја организираа понудата, предводени од Goldman Sachs и Morgan Stanley, кои заработиле околу 550 милиони долари од провизии.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека првиот ден од тргувањето не е гаранција за идниот раст на акциите и дека допрва ќе се види како ќе се движи нивната вредност на пазарот.
Слично внимание предизвика и излегувањето на берза на SpaceX на Илон Маск, чие тргување започна на 12 јуни. Акциите на компанијата во првиот ден достигнаа раст од 30,8 проценти во однос на почетната цена, а тргувањето го завршија со раст од 19,2 проценти, на 160,95 долари.
Со станувањето јавна компанија, „Антропик“ се соочува и со нов предизвик – да најде рамнотежа меѓу безбедниот развој на вештачката интелигенција и очекувањата на акционерите за профит.
Извршниот директор Дарио Амодеи и претходно предупредуваше на потенцијалните опасности од сè помоќните системи со вештачка интелигенција.
Амодеи, заедно со директорите на уште две водечки компании во индустријата, во септември го предупреди Советот за безбедност на Обединетите нации дека напредните системи со вештачка интелигенција би можеле да напредуваат до степен во кој ќе стане тешко да се контролираат, што би можело да претставува закана за меѓународната безбедност.
Сега, кога компанијата е под поголем надзор на инвеститорите и акционерите, останува прашањето како ќе успее да ги усогласи безбедноста и профитабилноста.
Еден аналитичар на шеговит начин ја опиша оваа дилема: „Антропик би можел да развие системи со вештачка интелигенција кои стануваат целосно автономни и го уништуваат човештвото, што би можело сериозно да ја намали заработката“.












