Комитетот за финансиска стабилност на седницата одржана на 5 март 2026 година го разгледа и усвои Извештајот за работењето на Комитетот и поткомитетите во 2025 година, при што беше констатирано дека финансиската стабилност во земјата е задржана, а финансискиот систем покажува добра отпорност и способност за справување со предизвиците.

Според извештајот, финансиските институции во текот на минатата година работеа во услови на побрз економски раст, но и натамошна неизвесност од глобалното економско окружување. Банкарскиот систем останува стабилен и отпорен, со историски највисоко ниво на адекватност на капиталот од 2006 година наваму, подобрена ликвидносна позиција, континуиран раст на депозитите и кредитната активност, како и зголемена профитабилност. Истовремено, квалитетот на кредитното портфолио е задржан, а спроведените стрес-тестови укажуваат на солиден капацитет на банките за справување со потенцијални шокови.

Во однос на приватните пензиски фондови, се наведува дека тие и натаму се во фаза на прибирање средства и имаат ниска изложеност на ликвидносен ризик. Со претпазливо инвестирање и соодветна диверзификација на вложувањата, стапките на принос бележат раст, особено во последниот дел од 2025 година.

Осигурителниот сектор продолжува со раст на продажбата и располага со соодветна ликвидност, солвентност и солидна профитабилност. Останатите сегменти од финансискиот систем – штедилниците, друштвата за лизинг, инвестициските фондови и финансиските друштва – и натаму имаат релативно мал удел и ограничено значење како потенцијален извор на системски ризик.

Посебно внимание во извештајот е посветено на пазарот на недвижности, кој и во 2025 година се одликува со силна побарувачка, зголемена понуда и двоцифрен раст на цените, над долгорочниот просек. Во услови на забрзано станбено кредитирање и засилени градежни активности, беше нагласена потребата од внимателно управување со ризиците со цел да се спречи прекумерна задолженост и да се зачува стабилноста на финансискиот систем.

Во текот на 2025 година, Народната банка примени пакет макропрудентни мерки, со кои стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот беше зголемена од 1,75 на 2,00 проценти, со примена од четвртото тримесечје на 2026 година. Дополнително, беа заострени и мерките насочени кон кредитирањето на физичките лица, со цел превентивно делување врз потенцијалните ризици во сегментот на домаќинствата и на пазарот на недвижности. Истовремено, беше олеснето кредитирањето за купување или изградба на прво живеалиште.

Комитетот нагласи дека и во наредниот период ќе продолжи внимателно да ги следи ризиците и дека е потребно координирано дејствување на финансиските регулатори, кои располагаат со соодветни инструменти за навремено реагирање. Финансиската стабилност останува приоритет, а институциите се подготвени да постапуваат соодветно во рамките на своите надлежности.

ИЗДВОЕНИ