Со години земјоделците од Пробиштипско и од Кратовско чекаат водата од „Злетовица“ да стигне до нивите и да донесе посигурен род. Новите фази од проектот треба да овозможат наводнување на илјадници хектари, но паралелно останува и старата земјоделска мака: ниските откупни цени и несигурниот пласман. Додека се најавува водата како спас за производството, оризопроизводителите бараат решенија за вистински да биде вреднуван нивниот труд. Државата најавува мерки и за системот „Злетовица“ и за проблемите со откупот на земјоделски производи

Хидросистемот „Злетовица“ треба да добие нов развоен импулс со подготовка на втората и третата фаза, кои треба да донесат нова мрежа за наводнување на земјоделските површини и изградба на мали хидроелектрани со вкупна моќност од 10 мегавати. Со грант од 2 милиони американски долари од Светската банка, ќе се финансира подготовката на потребната документација за следните фази од проектот, чија вкупна инвестиција се проценува на околу 103 милиони евра.

Договорот за реализација на грантот го потпишаа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, и директорот на ЈП Хидросистем „Злетовица“, Златко Стојановски. Според најавите, во следните 18 месеци ќе се работи на ревизија на техничките студии, инженерските решенија, безбедноста на браните, како и на подготовка на еколошката, социјалната и тендерската документација.

– Со денешниот договор почнуваме конкретна работа за ажурирање и комплетирање на документацијата што е потребна проектот да влезе во следната инвестициска фаза – изјави Серафимовски.

Државата, како што посочи министерот, ќе учествува со околу 27 милиони евра за трошоци поврзани со експропријацијата, ДДВ и други јавни давачки.

– Нашата задача е да обезбедиме квалитетна документација, целосна институционална подготвеност и проект способен навреме да премине во реализација – рече Серафимовски.

Втората фаза од проектот предвидува наводнување на околу 4.500 хектари земјоделско земјиште во Пробиштипско и во Кратовско. За земјоделците од овие региони, тоа значи помала зависност од временските услови и поголема сигурност во производството.

– За земјоделците од Пробиштипско и од Кратовско, наводнувањето ќе овозможи да се планира производството според потенцијалот на земјиштето и потребите на пазарот, а не според количината на врнежи – нагласи министерот.

Меѓу жителите и земјоделците од регионот одамна постои очекување водата од „Злетовица“ да стане вистинска поддршка за нивните ниви. Со сигурно наводнување, земјоделците гледаат можност за повеќе принос, воведување нови култури и подобар развој на локалното производство.

Третата фаза го опфаќа енергетскиот потенцијал на системот, со планирано производство од околу 48 милиони киловат-часови електрична енергија годишно.

– Со целосното искористување на хидроенергетскиот потенцијал, „Злетовица“ ќе придонесува и за производство на чиста домашна електрична енергија и за поголема енергетска отпорност на државата – изјави Серафимовски.

Покрај развојот на системот за вода, во фокусот на посетата на министерот беа и проблемите на земјоделците, особено ниската откупна цена на оризот. Оризопроизводителите веќе подолг период се соочуваат со тешкотии поради ниските цени и резервите што остануваат непродадени. Серафимовски информираше дека разговарал и со производителите и со откупувачите, со цел да се најде трајно решение.

– Во моментот имаме резерви на ориз и оризова арпа, кои стојат и кај производителите и кај откупувачите, но главниот момент е цената што треба да биде предмет на договор помеѓу едните и другите – изјави министерот.

Според него, откупот продолжува, а цената на оризовата арпа моментално се движи од 18 до 25 денари за килограм, зависно од квалитетот.

– Жалам што дојдов во период кога веќе проблемот ни беше ставен на маса. Сега пробуваме да најдеме решение што ќе го надмине овој момент, но во наредниот период ќе работиме на конкретни мерки за следната реколта, за да не се повторуваат ваквите ситуации секоја година – рече Серафимовски.

Производителите очекуваат најавените мерки да донесат поголема сигурност, бидејќи, како што велат земјоделците, не е доволно само да се произведе, важно е и трудот да биде соодветно вреднуван.

Паралелно со оризот, министерот информираше и дека е надминат проблемот со откупот на млекото во Пијанечко-малешевскиот Регион, што е уште еден чекор кон стабилизирање на состојбите кај земјоделците и сточарите.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ