EPA/TERESA SUAREZ

Шпанската тениска легенда Рафаел Надал изјави дека во овој момент не може да се замисли во улога на тренер и дека засега нема планови за враќање во тенисот во такво својство.

Во разговор за германското издание „Спортс илустрејтед“, Надал нагласи дека по завршувањето на богатата играчка кариера сака да ужива во поинаков животен ритам.

„Во моментов дефинитивно не планирам да станам тренер. Во последните неколку месеци постојано бев на пат, а како тренер тоа би било уште поинтензивно“, изјави Надал.

Поранешниот светски рекет број еден ја заврши кариерата пред две години, а една од главните причини беа честите проблеми со повреди кои го следеа во последниот период од неговото настапување. Освојувачот на 22 гренд-слем титули откри дека долги години се соочувал со секојдневни болки, што оставило големи последици и на физички и на психолошки план.

„Кога секое утро се будиш со болка, тоа е исклучително исцрпувачко и физички и психички. Со години живеев со тоа чувство. Денес, за среќа, речиси и да немам такви проблеми. Тоа е веројатно највредната работа за мене во овој момент“, додаде легендарниот Шпанец.

Надал важи за еден од најуспешните тенисери во историјата на спортот, а покрај 22 гренд-слем титули, зад себе остави кариера исполнета со бројни рекорди и незаборавни моменти, особено на Ролан Гарос, каде што доминираше повеќе од една деценија.

ИЗДВОЕНИ