петок, јули 24, 2026
Дома СВЕТ Најмалку 10 лица загинаа, а повеќе до 100 се повредени во руски...

Најмалку 10 лица загинаа, а повеќе до 100 се повредени во руски ракетен напад врз изложба на оружје во Киевскиот регион

132
Фото: EPA/STATE EMERGENCY SERVICE / HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Најмалку десет лица загинаа, а повеќе од 100 се повредени во руски ракетен напад врз полигон за обука во близина на Киев, каде што се одржуваше изложба на оружје и воена опрема, соопштија украинските власти, додека шест лица загинаа во украински напад врз нафтен објект во Русија, при што десетици се ранети од двете страни.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се огласи на социјалните мрежи кратко по нападот за да каже дека најмалку шест лица се убиени, а десетици се повредени. Тој не прецизираше каде се случил нападот или каков вид инцидент се случувал.

Подоцна, генералниот обвинител Руслан Кравченко изјави дека бројот на жртви се искачил на најмалку десет, а повеќе од 100 се повредени.

Украинскиот совет за одбранбена индустрија соопшти на социјалните мрежи дека „непријателска ракета погодила локација во регионот на Киев каде што биле присутни претставници на украинската одбранбена индустрија“.

Сирените за воздушен напад се огласија околу 11:20 часот, а украинските воздухопловни сили соопштија дека руски ракети летаат кон главниот град. Неколку минути подоцна, градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, пријави експлозии во градот.

Нападот се случи откако Русија ги засили своите масовни ракетни напади врз украинскиот главен град.

Покрај балистичките ракети „Искандер“ и крстосувачките ракети, вклучувајќи ги и хиперсоничните ракети „Циркон“, според украински извори, руската војска сè повеќе користи ракети од системот за воздушна одбрана С-400, прилагодени за напади врз копнени цели.

Украинскиот совет за одбранбена индустрија, кој се опишува себеси како најголемо здружение на приватни производители на оружје во земјата, соопшти дека претставниците на одбранбената индустрија биле на локација во регионот Киев што била погодена од ракетен напад, но не даде детали.

Рускиот напад се случи еден ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна во Киев со високи претставници на американската компанија “Рајтеон“ (Raytheon), производител на системи за воздушна одбрана Patriot, кои се клучни за одбраната на Украина од разорните балистички ракети на Русија.

„Ракетите за системите „Патриот“ се приоритет број еден“, рече Зеленски на социјалните медиуми, каде што извести за балистичкиот напад.

Средбата со претставниците на компанијата се случи помалку од три недели откако американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе ѝ додели на Украина лиценца за производство на системи „Патриот“. Ветувањето претставува значителна промена од неговиот претходен пристап, а Трамп неодамна зазеде попозитивен став кон Зеленски.

ИЗДВОЕНИ