Светското првенство во фудбал само што почна, а непосредно пред почетокот избувна голем скандал откако сомалискиот судија,Омар Артан, беше депортиран од САД.
ОмарАртан, кој во 2025 година беше прогласен за најдобар африкански фудбалски судија, пристигнал во Мајами со уредна документација и валидна американска виза издадена во амбасадата на САД во Кенија. Сепак, по слетувањето бил задржан дури 11 часа на аеродромот и подложен на детално испрашување.
Според неговите зборови, американските гранични службеници го прашувале за политичката ситуација во Сомалија и за милитантната организација Ал-Шабаб, која со години води вооружен бунт против тамошната влада.
- Мислам дека имаат проблем со мојата земја. Ги имав сите потребни документи и виза но, по испрашувањето, ме ставија во ќелија и ме пратија со авион за Истанбул, изјави Артан за медиумите.
Иако официјално не му била соопштена причината за одбивањето на влезот, американски функционер потврдил за „Њујорк тајмс“ дека одлуката е поврзана со безбедносни проверки и сомневања за поврзаност со лица под истрага за терористички активности.
Дополнителни реакции предизвика и изјавата на ЕндруЏулијани, извршен директор на Работната група на Белата куќа за ФИФА, кој кратко порача дека на Артан му бил одбиен влез од „многу добри причини“, без да открие повеќе детали.
Случајот претставува речиси невиден преседан во историјата на Светските првенства, бидејќи исклучително ретко се случува официјален судија назначен од ФИФА да не добие дозвола за влез во земјата домаќин.
Од ФИФА соопштија дека нема да се мешаат во имиграциските процедури и дека американските власти ги информирале оти статусот на Артан во моментов нема да биде променет.
Доколку забраната остане во сила, Артан нема да ја добие шансата да испише историја како прв сомалиски судија што ќе дели правда на едно Светско првенство.











