четврток, јуни 11, 2026
Дома СВЕТ Европа се затоплува побрзо од остатокот од светот: Доаѓа екстремен топлотен бран

Европа се затоплува побрзо од остатокот од светот: Доаѓа екстремен топлотен бран

32
EPA/ANNA SZILAGYI

Европа мора подобро да ги заштити своите граѓани од екстремните горештини во услови на забрзани климатски промени, предупреди Светската здравствена организација (СЗО), посочувајќи дека континентот се затоплува побрзо од кој било друг регион во светот.

Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, изјави дека во изминатите четири години, повеќе од 200 илјади лица во Европскиот Регион починале од причини поврзани со високата температура. Тој ги опиша горештините како „тивок убиец“ што може да биде спречен доколку Европа само ги примени алатките и мерките што веќе ги има на располагање.

Клуге во Берлин ги претстави ажурираните препораки за заштита од горештини, каде што акцентот е ставен на заштитата на постарите лица и на другите ранливи категории граѓани.

Германскиот министер за животна средина, Карстен Шнајдер, истакна дека последиците од климатските промени веќе се чувствуваат ширум светот и оцени дека заштитата од горештините е и социјално прашање, бидејќи луѓето кои живеат во густо населени урбани средини и прегреани живеалишта често имаат ограничени можности за заштита од екстремната температура.

Според него, намалувањето на емисиите на штетни гасови и проширувањето на зелените површини во градовите, како што се дрвјата, парковите, реките, шумите и мочуриштата, може да помогне во ублажувањето на последиците од горештините.

Климатските и здравствените експерти предупредуваат дека порастот на глобалната температура предизвикува почести, поинтензивни и подолготрајни топлотни бранови, при што особено изложени на ризик се постарите лица и луѓето со претходни здравствени состојби. Според СЗО, екстремните горештини секоја година предизвикуваат зголемен број заболувања и предвремени смртни случаи, како и економски загуби од повеќе милијарди долари.

ИЗДВОЕНИ