понеделник, ноември 2, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Филипче бара оставка од Славески и истрага за влезот на Алта банка...

Филипче бара оставка од Славески и истрага за влезот на Алта банка во Македонија

1

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска побара оставка од гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и отворање истрага од Основното јавно обвинителство за околностите под кои на Алта банка ѝ беше одобрен влез на македонскиот банкарски пазар. Барањето следува по одземањето на лиценцата за работа на Алта банка во Србија, што, според Филипче, отвора сериозни сомнежи за проценката на ризикот и контролата при одобрувањето на нејзиното работење во Македонија.

Филипче потсети дека СДСМ уште во декември минатата година предупредувала за сомнителното работење на банката во Србија, посочувајќи дека институциите морале внимателно да ги проверат сите околности пред да ѝ дозволат влез во домашниот финансиски систем. Тој побара одговор дали гувернерот Славески и премиерот Христијан Мицкоски ги имале предвид потенцијалните ризици или, пак, биле запознаени со сомнежите што ја следат банката.

Според Филипче, информациите објавени во медиумите и сознанијата на СДСМ ја поврзуваат Алта банка со сомнителни финансиски текови, криминал и корупција, вклучително и сомнежи за средства поврзани со трговија и шверц на дрога.

Дополнителна загриженост, како што посочи, предизвикува и фактот што само неколку часа по соопштението на Народната банка на Србија дека состојбата е во ред, на банката ѝ била одземена лиценцата.

Филипче предупреди дека случувањата отвораат прашања за стабилноста на финансискиот систем во Македонија, но и за сигурноста на депозитите на граѓаните и јавните претпријатија. Тој посочи дека се потребни итни реакции од надлежните институции, особено по информациите за загриженост и стампедо пред експозитурите на банката во неколку градови.

Од гувернерот Славески побара јавно да одговори дали граѓаните имаат причина за загриженост и да преземе одговорност за одлуката со која на Алта банка ѝ беше овозможено да влезе на македонскиот пазар.

– Гувернерот треба јасно и гласно да излезе и да каже дали има простор за грижа кај граѓаните, но и да се соочи со својата морална одговорност и да поднесе оставка –  порача Филипче.

Тој истовремено го повика Основното јавно обвинителство да отвори истрага за утврдување на евентуалната одговорност при одобрувањето на работењето на Алта банка во Македонија.

ИЗДВОЕНИ