Легендарниот инвеститор Ворен Бафет и неговиот конгломерат Беркшир Хатавеј претрпеа редок удар откако 94-годишникот објави дека ќе се повлече од функцијата извршен директор на крајот на оваа година.
Ова доведе до пад на цената на акциите на компанијата и намалување на личното богатство на Бафет.
Акциите на Беркшир од класа А паднаа за 6%, од 809.000 долари на 763.000 долари до средината на утрото, додека акциите од класата Б, познати како „baby Berk“, исто така паднаа за 6%, од 540 на 510 долари, што iизбриша пазарна капитализација од околу 40 милијарди долари.
Падот уследи по годишното собрание на акционери на компанијата во Омаха. На него се претставени деловните резултати за првиот квартал кои беа под очекувањата на Волстрит. Оперативните приходи по акција од класа А беа 6.694,59 долари, 5% под консензусот на аналитичарите, според податоците на FactSet. Сепак, аналитичарите главно го припишуваат падот на акциите на најавата за пензионирање на Бафет.
Повлекувањето на Бафет „најверојатно ќе има повеќе влијание врз перцепциите на инвеститорите за Беркшир отколку врз вистинскиот бизнис на компанијата“, напиша аналитичарот на KBW Мејер Шилдс во белешката до клиентите во неделата.
Богатството на Бафет е намалено за 9,4 милијарди долари и сега изнесува 158,8 милијарди долари, според проценките на Форбс. Ова го направи убедливо најголемиот губитник на денот во однос на нето вредноста. Сепак, тој сè уште останува петти најбогат човек во светот.