Владата очекува дека комбинацијата од засилен инспекциски надзор, построги казнени мерки и поголема транспарентност во односите меѓу маркетите, дистрибутерите и производителите ќе придонесе за стабилизирање на цените во маркетите и за заштита на потрошувачите
Владата подготвува законски измени со кои значително ќе се заострат санкциите за компаниите што ќе бидат затечени во нефер трговско однесување, а паралелно ќе се интензивираат инспекциските контроли на терен. Ова го соопшти премиерот Христијан Мицкоски, најавувајќи за утре нова средба со претставниците на маркетите и дистрибутерите.
Според премиерот, целта е да се воспостават пофер услови на пазарот и да се спречат практики што, како што рече, директно влијаат врз цените и врз конкурентноста.
– На почетокот од кризата имавме еден таков состанок, а в понеделник ќе одржиме нов. Ќе испратиме јасна и силна порака за начинот на кој треба да се однесуваат учесниците на пазарот. Истовремено, законските измени се во завршна фаза и предвидуваат десеткратно зголемување на казните за маркетите што ќе применуваат нефер практики – изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека институциите ќе ги зајакнат контролите, но посочи дека клучна улога имаат и самите компании, производители и дистрибутери, кои треба активно да ги пријавуваат евентуалните злоупотреби.
Премиерот предупреди дека дел од спорните практики не се евидентираат директно во финансиската документација на компаниите, туку се реализираат преку посреднички фирми и дополнителни услуги, што го отежнува нивното откривање.
– Кога ќе влезе инспекција и ќе ги провери сметководствените книги, формално сè изгледа во ред. Но, преку трети и четврти канали се наплаќаат различни надоместоци, меѓу кои и таканаречениот ројалити. Станува збор за практика што не може да се смета за фер трговско однесување – истакна Мицкоски.
Тој додаде дека во јавноста веќе подолго време се зборува за дополнителни трошоци што наводно се наплаќаат за позиционирање на производите на рафтовите во маркетите.
– Тоа е јавна тајна за која сите зборуваат. Затоа ги охрабрувам производителите и дистрибутерите да сведочат и да ги пријават ваквите случаи за да може државата ефикасно да реагира против оние што ги нарушуваат правилата на пазарот – рече премиерот.
Осврнувајќи се на економските движења, Мицкоски оцени дека земјава и натаму бележи една од најниските стапки на инфлација во регионот. Тој посочи дека инфлаторните притисоци се последица и на меѓународните случувања, особено кризата на Блискиот Исток, но изрази очекување дека во наредниот период ќе следува стабилизација.
– Споредбено со земјите од регионот, Македонија е меѓу државите со најниска инфлација. Очекувам, по смирувањето на геополитичките тензии и по мерките што ги преземаме, инфлацијата постепено да се нормализира и во посткризни услови да се спушти под четири проценти – изјави Мицкоски.












