Летото ги наполни тезгите со земјоделски производи и дел од овошјето и од зеленчукот веќе бележи пониски цени во споредба со претходните месеци. Сепак, посетата на трите најголеми скопски пазари покажува дека граѓаните сè почесто купуваат помали количини и внимателно ги споредуваат цените. Разликата меѓу пазарите се чувствува, но заеднички впечаток е дека храната останува скап трошок за многу семејства. Купувачите велат дека има избор, но буџетот не им дозволува сè што им е потребно

 

Уште од раните утрински часови скопските зелени пазари се полни со купувачи, кои внимателно ги разгледуваат тезгите преполни со домати, краставици, пиперки, млад компир и со првите поголеми количини лубеници и дињи. Летото, конечно, донесе богата понуда и по неколкуте месеци во кои граѓаните се жалеа за високите цени, јуни покажува дека цените на пазарите полека се стабилизираат.

Но, додека тезгите изгледаат побогати од кога било оваа година, разговорите меѓу купувачите што ги слушнавме при посетата на Зеленото пазарче, пазарот Буњаковец и Бит- пазар во Скопје откриваат поинаква слика. Повеќето признаваат дека е подобрена состојбата и дека има повеќе домашна стока. Но, речиси сите имаат ист заклучок: храната сè уште поскапува побрзо отколку што растат платите и пензиите.

– Има повеќе домашни производи, веднаш се гледа тоа. Ама кога ќе ставиш во ќесата домати, пиперки, краставици и малку овошје, на крајот сфаќаш дека пак си потрошил повеќе отколку што си планирал. Има стока, ама нема доволно пари за сè што ни треба – вели пензионерка, која ни посочи дека секогаш пазари на Зеленото пазарче.

Најголема е раздвиженоста околу тезгите со сезонски зеленчук. Продавачите нудат домашни домати по цени од 60, 80 до 120 денари за килограм, краставици од 40, 50 до 70 денари, а е преполовена и цената на пиперките, кои до неодамна се продаваа до 140 денари. Зелката и компирот се меѓу производите што забележаа најголемо поевтинување во последните недели.

– Пред еден месец, краставиците беа многу поскапи, сега, како што гледате, чинат и 30-40 денари за килограм. Сега барем можеш да купиш неколку килограми без многу да размислуваш. Ама доматите и пиперките уште се проблем и покрај тоа што паднаа цените – вели млад татко додека ги споредува цените на неколку соседни тезги.

– Цените се летни, ама платите останаа зимски – коментираше една жена додека држеше ќеса со по килограм домати и пиперки.

Слична е приказната и кај овошјето. Црешите се продаваат од 80 до 120 денари за килограм, кајсиите од 70 до 90 денари, а јагодите и понатаму остануваат меѓу најскапите производи на пазарите. Бостанот, пак, се продава по 50 денари за килограм. Иако цените се значително пониски отколку во мај, многумина велат дека сè почесто се купува овошје не повеќе од еден килограм.

– Порано земавме по два-три килограми цреши за дома. Иако годинава има голема понуда на цреши, сега купуваме од половина до еден килограм за да пробаат внучињата – вели една повозрасна скопјанка.

Во Буњаковец, каде што традиционално се продава поквалитетна и селектирана стока, цените остануваат највисоки. Таму купувачите бараат изглед, квалитет и свежина, но плаќаат повеќе за тоа.

– Не е исто што ќе купиш. Тука доматот изгледа како од реклама, ама и цената му е таква – низ смеа коментира една редовна купувачка.

На Бит-пазар атмосферата е поинаква. Од тоа што има повеќе тезги, повеќе продавачи и поголема конкуренција, се создава чувство дека секогаш може да се најде подобра цена. Купувачите речиси рутински шетаат од тезга до тезга пред да одлучат каде ќе купат.

– Разликата е десет денари од килограм, ама кога купуваш за цела недела, тоа веќе се чувствува. Затоа прво разгледуваме, па купуваме – вели жител на Чаир.

Податоците од Кванташкиот пазар во Скопје покажуваат зошто почнаа да поевтинуваат дел од производите. Зелката на големо се продава за само 12 денари за килограм, жолтиот кромид за 16 до 18 денари, а краставиците, лубениците и дел од лиснатиот зеленчук се движат околу 20 денари. Токму овие производи денес се најдостапни и за купувачите на зелените пазари.

Сепак, патот од Кванташкиот до зелениот пазар носи значителни разлики во цената. Зелката, која на големо чини 12 денари, на тезгите достигнува и до 35 денари. Кромидот од 16 денари стигнува до 50 денари, а увозните краставици од околу 20 денари на големо некаде се продаваат двојно повеќе на мало.

– Кога ќе слушнеш колку чинат на Кванташки, нормално е да се прашаш зошто се двојно поскапи овде. Ама сите си имаат трошоци, го знаеме тоа – ни рече еден пензионер што редовно пазари на Бит-пазар.

Трговците велат дека високата закупнина, транспортот и другите трошоци не им оставаат простор за значително намалување на цените. Сепак, признаваат дека оваа година муштериите многу повеќе внимаваат на секој денар.

Во споредба со другите поголеми градови во државата, Скопје и натаму е најскап пазар. Во Битола и во Прилеп цените се во просек за 5 до 15 проценти пониски, додека Тетово бележи повисоки цени кај овошјето поради силната побарувачка.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ