Резервациите за одмор во Источниот Медитеран растат, бидејќи хотелите ги намалуваат цените, а патниците ги преиспитуваат ризиците од потенцијално прелевање од конфликтот во Заливот. Резервациите за Кипар, Турција и делови од Северна Африка паднаа веднаш откако САД и Израел започнаа напади врз Иран кон крајот на февруари.
Но, побарувачката постојано се опоравуваше дури и пред договорот за прекин на огнот од оваа недела, според податоците од авиокомпаниите, туристичките агенции и индустриските аналитичари, објавува „Фајненшл тајмс“.
Патниците не само што станаа помалку загрижени за потенцијалното ширење на конфликтот, туку, многумина, исто така, сфатија дека некои од дестинациите каде што се забалежа пад на резервациите се стотици, ако не и илјадници километри од зоната на конфликтот.
„Луѓето ги вадат своите карти и сфаќаат дека Суецкиот канал не е поврзан со Ормускиот теснец“, рече извршниот директор на „ИзиЏет“, Кентон Џарвис.
„Мислам дека тоа беше навистина добра лекција по географија.“
Тој додаде дека хотелите во регионот, исто така, „нуделе неверојатни понуди, па за иста цена можете да добиете сместување со многу подобар квалитет отколку во Шпанија“. Според податоците од аналитичката фирма Lighthouse, онлајн пребарувањата за хотели во Египет, Турција и Кипар се зголемуваат речиси секоја недела од средината на април, околу шест недели по почетокот на конфликтот.
Пребарувањата за Турција и Египет беа за една третина повисоки во втората недела од јуни отколку во првата недела од месецот, додека пребарувањата за Кипар, кој беше погоден од напад со беспилотно летало на почетокот на конфликтот, се зголемија за 29 проценти.
„Работите драматично се подобрија од мај“, рече Ник Аристу, комерцијален директор на групацијата луксузни хотели Mouscita, која управува со три хотели на Кипар.
„Во март бевме 20 проценти под нашите летни очекувања“, рече тој, додавајќи дека Mouscita сега „надоместува загубен пазар во однос на резервациите за патувања од Велика Британија и Европа“.
Падот на резервациите за подоцна во годината кај семејствата, кои обично резервираат порано и веќе избрале други дестинации, е компензиран од зголемената побарувачка од помладите парови.
Пред конфликтот, компанијата очекуваше раст оваа година, и иако сега е веројатно дека ќе достигне само нивоа од 2025 година, според Аристоу, таков исход беше незамислив во првите недели од конфликтот.
„Бизнисот се врати во нормала“, рече тој. Некои пазари се опоравија особено брзо. „ИзиЏет“ соопшти дека Египет преминал од „негативна позиција на многу силна позитивна позиција во споредба со минатата година за само неколку недели“, им рече главниот извршен директор Гари Вилсон на инвеститорите минатиот месец, пишува Фајненшл тајмс.
Јозеф Варади, главен извршен директор на ВизЕр, рече дека компанијата гледа „многу силно закрепнување на некои пазари, како што се Турција, Египет и Кипар, кои беа погодени бидејќи беа премногу блиску до настаните“, а некои пазари сега „целосно се опоравија“.
Јоханес Томас, извршен директор на платформата за пребарување сместување Trivago, рече дека има „јасни знаци дека британските патници покажуваат обновен интерес за дестинациите кои се силно погодени од конфликтот на Блискиот Исток“.
Тој додаде дека Мароко и Египет се „најистакнатите примери“, со пребарувања зголемени за 22% во однос на пред една година.
Европската побарувачка, исто така, се зголеми бидејќи некои патници кои инаку би летале до или преку Заливот, одлучија да одморат поблиску до дома – иако авиокомпаниите од Заливот нудат полиси за осигурување за да ги уверат патниците да се вратат. Обединетото Кралство оваа недела ги укина сите препораки за регионот, кои претходно им забрануваа на туристичките агенции да резервираат патувања до или преку аеродромите во Заливот.












