Уште во 2013 година статистиката покажа дека во Македонија биле евидентирани 169 црни точки, но институциите никогаш не направија официјален список со опасните патишта. Без редовно мапирање на црните точки, анализа на причините за несреќите и без конкретни инженерски интервенции, секоја нова трагедија повторно ќе го отвори истото прашање: дали е проблемот во возачите, во патната инфраструктура или во институциите, кои со години немаат целосна слика каде точно се губат човечки животи на македонските патишта
Речиси да нема деноноќие, а да не се случи сообраќајка на скопската обиколница. Па така, место решение за избегнување на градскиот метеж, таа стана опасност предизвикана од човечкиот и од инфраструктурниот фактор.
Сè уште трае истрагата за страшната сообраќајка на 21 мај, во која загинаа оперскиот пејач Ристе Велков, неговиот син и двајца другари. За весникот ВЕЧЕР, од Обвинителството велат дека се проверува исправноста на возилата, автомобилот марка БМВ и камионот што го возел косовскиот државјанин, како и банкините во близина на кобното место – клучката кај Радишани.
– Осомничениот е задржан во притвор бидејќи е странски државјанин и тоа е начин да се обезбеди. По направените проверки, се утврди дека тој ги исполнувал условите да го вози камионот, имал важечка дозвола и лекарско за добра здравствена состојба. Издадени се повеќе наредби за вештачење и проверка на возилата со цел да се утврдат причините што доведоа до несреќата – изјави надлежната обвинителка во ТВ-интервју и нагласи дека истрагата е во рана фаза.
Кај таа клучка на скопската обиколница, пред неколку дена, повторно се случи тешка сообраќајка во која се судрија два камиони, при што еден од возачите, со тешки повреди, бил пренесен на скопските клиники.
Скопската обиколница се издвојува како една од најопасните делници во земјава. Според податоците од МВР, само во 2025 година, на потегот А2 Миладиновци – обиколница – клучка Кондово биле регистрирани 94 сообраќајни несреќи, а во првите пет месеци од годинава – уште 30. Ако лани немало загинати, од јануари до мај годинава, во две сообраќајни несреќи, животот го загубиле шест лица.
Вкупно, во 2025 година, имало 79 повредени учесници во сообраќајот, додека во првите пет месеци од годинава бројот на повредени изнесува 16 лица.
Од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот (РСБСП) оценуваат дека причините за честите несреќи на скопската обиколница се неприспособената брзина, опасното престигнување и невнимателното менување на сообраќајните ленти.
– Решението бара системски пристап: подобрување на инфраструктурата, засилена контрола и примена на современите безбедносни стандарди – посочуваат од Советот. Оттаму предлагаат подобрување на сигнализацијата и на осветлувањето, почести полициски контроли и едукација на возачите, особено на младите.
Државата нема официјална мапа на црните точки, а трагедиите се повторуваат на истите делници
Иако сообраќајните експерти со години предупредуваат за ризичните места, Македонија сè уште нема воспоставено методологија, ниту официјален регистар на т.н. црни точки на патиштата. Наместо системско мапирање на опасните делници, институциите реагираат по несреќите, а возачите секојдневно се соочуваат со ризици на делови од патиштата што веќе одамна се препознаени како проблематични.
Возејќи кон Велес, сообраќајот се смирува, но на клучката кај Катланово и понатаму многу возачи инстинктивно ја намалуваат брзината. Оваа делница со години се споменува меѓу местата на кои често се случуваат несреќи. Подолу, кај Градско, патот се раздвојува. Едниот правец води кон Гевгелија, другиот кон Прилеп. Токму тука почнува една од поновите делници, изградена за побрзо и побезбедно патување, но која за кратко време стана место на повеќе тешки сообраќајки.
На експресниот пат Градско – Прилеп – клучка Дреново, во текот на 2025 година, биле регистрирани 14 сообраќајни незгоди, меѓу кои и една со смртни последици. Во првите пет месеци од годинава се евидентирани уште седум незгоди. Иако пред големиот свијок има знак двојно да се намали брзината, сепак, многу од залетаните возачи не може да ја „фатат“ кривината и многумина излетуваат од патот.
Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот велат за весникот ВЕЧЕР дека во законите не постои дефиниција за „црни точки“, ниту методологија според која би се утврдувале тие.
– Ова претставува сериозен институционален недостиг, бидејќи без јасни критериуми и системски пристап, ризичните делници остануваат неидентификувани и несанирани – наведуваат од РСБСП.
Според нив, опасни места се крстосниците и зоните со интензивна интеракција меѓу возилата и пешаците во населените места, а надвор од градовите, тоа се непрегледните кривини, клучките и раскрсниците со намалена прегледност.
– Возачите да бидат особено внимателни на овие делници што се идентификувани како опасни делници или црни точки и да ја приспособат брзината на движење според конкретните услови. Од страна на надлежните институции да се воспостави методологија за идентификација на опасните делници и места или т.н. црни точки, да се работи на инфраструктурно подобрување (сигнализација, осветлување, заштитни огради), како и да спроведуваат системска контрола и превентивни мерки – порачуваат од РСБСП.
Уште во 2013 година статистиката покажа дека во Македонија биле евидентирани 169 црни точки, но институциите никогаш не направија официјален список со опасните патишта. Без редовно мапирање на црните точки, анализа на причините за несреќите и без конкретни инженерски интервенции, секоја нова трагедија повторно ќе го отвори истото прашање: дали е проблемот во возачите, во патната инфраструктура или во институциите, кои со години немаат целосна слика каде точно се губат човечки животи на македонските патишта.
Она што ветува е дека камерите од проектот „Безбеден град“ ќе повлијаат на приспособувањето на брзината на патот. Сообраќајната полиција бележи намалување на несреќите и до 26 % откако функционираат камерите. Сепак, земјава и натаму е далеку од европскиот просек на жртви, бележиме 72 загубени човечки животи на милион жители, што е речиси двојно повеќе од ЕУ. Поразителни се податоците и на кривичните дела поврзани со безбедноста во сообраќајот, тие учествуваат со 20 % од вкупниот криминал во државата или во 2025 година имало пријави за дури 3.700 лица, велат од ЈО. (П. А.)
НЕМА ЦРНИ ТОЧКИ, ВЕЛАТ ЗАКОНИТЕ, ИМА ОПАСНИ ДЕЛНИЦИ, ВЕЛАТ БРОЈКИТЕ
– 94 несреќи лани на скопската обиколница
– 30 несреќи за пет месеци годинава
– 6 загинати лица во првите пет месеци од 2026 година
Нема официјален регистар на црни точки. РСБСП бара воспоставување методологија за нивно утврдување.












