недела, јуни 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА НАЈАВА ОД ЧЕСТВУВАЊЕTO НА СПОМЕНОТ НА ПРОГОНОТ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА...

НАЈАВА ОД ЧЕСТВУВАЊЕTO НА СПОМЕНОТ НА ПРОГОНОТ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА: Релјефот на мајката со трите деца се враќа на споменикот на децата бегалци од Егејска Македонија

Од Министерството за култура ни кажаа дека во тек е леењето на оригиналната плоча на авторката Даница Павловска-Циги и дека, најверојатно, во скоро време ќе биде поставена, изјави денеска Тодор Петров, претседател на Светски македонски конгрес. Откако е поставен во 1988 година, овој споменик повеќепати е предмет на вандализирање и на него сега нема ниту едно од повеќето обележја што ги имаше во спомен на една од најцрните страници во македонската историја

103

По цели 14 месеци откако беше искорнат и украден од сè уште непознати сторители, релјефот со ликот на мајката бегалка со три деца повторно ќе се најде на споменикот во скопскиот парк „Жена – борец“. Ова денеска го најави Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес, на чествувањето посветено на одбележувањето на 80-годишнина од почетокот на Граѓанската војна во Грција и 78-годишнина од прогонство на деца Македонци од Егејскиот дел на Македонија во 1948 година пред спомен-обележјето во овој скопски парк, спроти македонското Собрание. Петров објасни дека сторителите на кражбата сè уште не се пронајдени и дека се работи за враќање на нов релјеф, чија изработка е во завршна фаза.

– Синоќа, преку Министерството за култура, ја дознавме убавата вест дека е во тек леењето на оригиналната плоча на авторката Даница Павловска-Циги и дека, најверојатно, во скоро време ќе биде поставена  и очекуваме дека споменикот повторно ќе нè огрее – најави Петров.

 

Чествувањето беше организирано од Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија Македон, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Сонцето од Кутлеш“ – Скопје како и од СМК со присуство на повеќе десетици граѓани кои положија цвеќе пред обележјето кое во изминативе години беше предмет на вандализам. Почитта се искажуваше пред гол бел бетонски постамент откако повеќе спомен-обележја кои се наоѓаа на предната и на задната страна на споменикот, како и околу него, беа украдени од сè уште непознати лица. Петров рече дека вака демолираниот споменик е „огледало на општеството во кое живееме“.

– Стигнавме до општество во кое споменот на таа историја ни остана осакатен. Целта на уништувањето е да се заборави најцрната страна од историјата на македонскиот народ, геноцидот врз Македонците во Егејскиот дел на Македонија. Сторителите до ден-денешен не се најдени и покрај нашите пријави. Владата со прст не мрдна да се реставрира споменикот. Денеска стоиме пред бетон без ништо од симболите по кои споменикот беше препознатливо сведоштво за геноцидот врз Македонците. Не ни останува ништо друго освен да кажеме – засрамете се! – нагласи Тодор Петров во своето обраќање.

Тој потсети дека во април поднеле барање до Владата за реставрација на споменикот по што, при крајот на истиот месец, им било одговорено дека предметот со реставрацијата на споменикот е пратен во Министерството за култура. Но, оттогаш па сè до прексиноќа, кога добиле најава дека се прави нов релјеф, немале никаков одговор.

– Сквернавењето на споменикот на децета бегалци, односно, насилно прогонетите Македонци од Егејска Македонија го сметаме за смислена намера од антимакедонските центри поттикнати од спогодбата Димитров – Коѕијас во 2018 година, со која владата на Зоран Заев ексклузивното право врз културата и историјата на македонскиот народ го пренесе врз Грција. Таква е и спогодбата со Бугарија, со која Заев се откажа од Македонците во пиринскиот дел на Македонија. Геноцидот врз Македонците, за жал, трае и ден-денеска. Нè враќаат од граница со образложение за „опасност за национална безбедност на Елада“. Македонската Влада, и покрај протестите, не ги заштитува своите државјани. Бугарската Влада не спроведува 14 пресуди на Судот за човекови права и се придружува на грчката практика да забранува влез на наши државјани – нагласува Тодор Петров.

Претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија – Македон, Александар Јаневски, нагласи дека овој спомен потсетува на една од најцрните страници во македонската историја – грчкиот геноцид врз македонскиот народ. И за него, договорите со Грција и со Бугарија се целосно спротивни на домашното и на меѓународното право. Тие, наведе Јаневски, биле против македонските интереси.

– Тие имаат за цел Македонија од држава да стане територија без македонскиот народ и историја, а чии администратори ќе бидат Атина и Софија. Ние сме единствени во одбраната на државата и идентитетот на македонскиот народ. Ѝ предлагаме на македонската Влада да иницира историско помирување на македонскиот народ со соседните народи и склучување на договорот за траен мир и добрососедство на државата Македонија со соседните држави – нагласи Јаневски.

Тој објасни дека договорот би се базирал врз основниот принцип на меѓународното право на сувереност и еднаквост.

– Тоа значи заемно разбирање и почитување, соработка по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи. Бараме македонската Влада во односите со Грција да изнуди поништување на сите забрани од Владата во Атина за влез на Македонци од Македонија со образложение дека се опасни по национална безбедност на Грција. Бараме слободно движење на сите во Македонија и во Грција и почитување на слободата на мислата и на говорот – порача Јаневски. (Б. Ѓ.)

Хронологија на уништувањето кое не запира

Споменикот на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција 1946-49 година, подигнат во 1988 година, е предмет на вандализирање во последниве години. Во октомври 2019 година, сè уште непознат сторител ја откорнал спомен плочата поставена на задната страна на споменикот на која пишуваше дека прогонот на 28.000 дечиња бил геноцид. Во ноември истата година, пак, непознати сторители го откорнале натписот „Татковината копнеж на прогонетите“, како и симболот на Светската средба на децата бегалци. Набрзо потоа била искорната спомен-плочата поставена пред споменикот, а која била посветена на Султана, мајката на Гоце Делчев. Соголувањето на споменикот завршило лани во април, при што досега ниту еден сторител не е најден, иако се работи за обележјето во непосредна близина на македонското Собрание. Во меѓувреме, престана да работи и подната фонтана.

Освен на вандалите, споменикот сè повеќе тешко му одолева и на забот на времето. Вчера забележавме и распаѓање на мермерни плочки во неговиот постамент, што бара итна санација

ИЗДВОЕНИ