Топлинската купола предизвика речиси половина од 850 најголеми европски градови да го преживуваат најтешкиот „топлински стрес“ досега, што е опасна комбинација од рекордни температури и екстремно висока влажност на воздухот каде што потењето веќе нема разладувачки ефект. Само околу 20 проценти од европските домаќинства имаат климатизација, а овој јуни и во градови кои досега немале потреба од клима уреди температурата достигна 40 Целзиусови степени. Во некои држави кои интензивно се загреваат се отвори и политичка дебата околу тоа дали е потребна масовна климатизација или некое поеколошко решение за разладување кое нема да троши многу струја и дополнително да ја загрева планетата
Европа се соочува со најтешкиот, најинтензивниот и најраспространетиот топлински бран некогаш забележан во нејзината историја. Научниците од конзорциумот „Ворлд ведер атрибушн“ посочуваат дека таканаречената „топлинска купола“ која го зароби врелиот воздух над континентот, доведе до тоа речиси половина од 850 најголеми европски градови да го преживуваат најтешкиот „топлински стрес“ досега, што е опасна комбинација од рекордни температури и екстремно висока влажност на воздухот каде што потењето веќе нема разладувачки ефект.
Оваа ситуација, која според научниците се должи на климатските промени, ги направи разладните уреди една од најжешките теми за кои се дебатира во Европа. Во Франција, на пример, каде што се регистрирани најголем број жртви од јунските горештини, се отвори политички фронт околу тоа дали е потребна климатизација. Додека десницата предлага план за масовно опремување на сиромашните семејства со клима-уреди, десницата ова го прогласи за лажно решение и побара државата да изврши агресивна изолација на зградите. И други земји кои никогаш досега немале потреба од клима-уреди поради пријатните летни температури сега се пред дилема дали масовно да ги инсталираат или да бараат поеколошки решенија, зашто климите трошат огромни количества струја и придонесуваат за дополнително загревање на планетата.
Додека во земји како што се САД, Австралија и Јапонија климатизерот е речиси неопходен дел од секој дом, во голем дел од Европа ситуацијата е сосема поинаква. За време на летните горештини, многу Европејци сè уште се потпираат на спуштени ролетни, вентилатори и ладна вода. Според Министерството за енергетика на САД, околу 90 проценти од американските домаќинства имаат климатизација. Во Европа, тој процент е многу помал и изнесува околу 20 проценти, иако постојат големи разлики меѓу земјите. Во Шпанија, приближно половина од домаќинствата поседуваат климатизација, додека во Германија клима-уредите се застапени само во околу шест проценти од становите и куќите, а сега во некои градови, како на пример Берлин, живата на термометарот се искачува до 40 Целзиусови степени. Со години, клима-уредите не беа неопходни во поголемиот дел од Европа, особено на северот од континентот. Сепак, климатските промени во последните години значително ја променија оваа слика. Екстремните топлотни бранови стануваат сè почести, а високите температури претставуваат сериозен ризик за здравјето на луѓето, инфраструктурата и природните екосистеми.
Меѓувладиниот панел на Обединетите нации за климатски промени предупредува дека екстремната топлина се случува побрзо отколку што претходно предвидуваа научните модели, особено во Западна Европа. Италијанскиот истражувач Томасо Алберти процени дека ваквите промени значително ја зголемуваат потрошувачката на електрична енергија поради потребата од ладење на просторот. Продажбата на клима-уреди се зголемува, но многумина сè уште одбиваат да ги користат. Во Германија, побарувачката за клима-уреди се зголемила за дури 75 проценти помеѓу 2019 и 2024 година. Сличен тренд евидентира и европското здружение на производители на опрема за греење, вентилација и климатизација „Еуровент“. Сепак, според заменик-генералниот секретар на оваа организација, Стајн Ренебог, многу Европејци сè уште ја сметаат климатизацијата за непотребен луксуз. Дополнителен проблем е фактот што голем број европски куќи и станови се изградени за да ја задржат топлината во текот на зимата, а не за да останат ладни во лето. Истражувањата покажуваат дека повеќето жители на ЕУ се обидуваат да се заштитат од топлината со подобра изолација и надворешно засенчување, но сè повеќе од нив размислуваат и за инсталирање климатизација.
Експертот од „Бостон консалтинг груп“ Хелге Бринкман, процени дека периодот на ниска застапеност на клима-уредите во Европа завршува. Сепак, инсталирањето клима-уреди во постари згради честопати не е едноставно. Историските јадра на европските градови се предмет на строги прописи што ги ограничуваат надворешните измени на зградите, додека многу станари немаат дозвола од своите сопственици да поставуваат надворешни единици или не се подготвени да инвестираат во имоти што не се нивни. Високите трошоци се дополнителна пречка. Според анкета спроведена низ цела Европска Унија, дури 38 проценти од испитаниците изјавиле дека не можат да си дозволат доволно да го ладат својот дом во текот на летото. Се повеќе се верува дека во новите услови ладењето на зградите треба да се гледа исто толку сериозно како и греењето, бидејќи неможноста за одржување на безбедна температура во затворен простор станува зголемен социјален и здравствен проблем. Проекциите на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) покажуваат дека бројот на клима-уреди во ЕУ до 2050 година ќе достигне 275 милиони единици, што е повеќе од двојно во споредба со нивото од 2019 година.












