Спуштена е завесата на јубилејното 55. издание на Меѓународниот боксерски турнир „Златен гонг“ што се одржа од 13 до 15 ноември во спортската сала „Расадник“ во Скопје во организација на Боксерската федерација на Македонија, а со поддршка од Министерството за спорт, максимално ги оправда очекувањата и според квантитетот и според квалитетот на натпреварувањето кое беше едно од најдобрите во последната декада.

На годинешното јубилејно издание на „Златен гонг“ настапија 89 боксери од 20 земји од светот.
Министерот за спорт Борко Ристовски заедно со градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, присуствуваше на финалните борби на „Златниот гонг“. Ристовски упати честитки за финалистите и за сите учесници на традиционалниот турнир и ја истакна важноста што има оваа спортска манифестација за македонското борење и за македонскиот спорт во изминатите пет и пол децении.

Победничкиот пехар на јубилејното 55.издание на „Златен гонг“, како што е познато, му припадна на украинскиот боксер Јуриј Захариев. Во женска конкуренција најуспешна беше Шпанката Лаура Галино Лопез, додека признанието за најдобар македонски боксер го доби Алин Нусуфи.












