Во суштината на луѓето е да се стремат кон успех и признанија, но што ќе се случи со напредокот на заедницата и со етичката димензија на личноста доколку ја фаворизираат максимата дека целта ги оправдува средствата? Оваа реченица на морално проблематичните средства за оправдување на целта му се припишува на италијанскиот филозоф Николо Макијавели, иако таа е доктрина формулирана од езуитите. Макијавели пишувал дека целта ги одредува средствата, односно дека врз основа на целите треба да ги пронајдеме начините и да ги одредиме средствата што ќе ни помогнат да ги реализираме намерите и да постигнеме успех. Тоа подразбира дека остварувањето на целта: постигнување успех најчесто е резултат на инвестирањето во сопствените вредности, духовната и интелектуална надградба и на определбата умот, духот, повисоката свест и чистата совест да бидат креатори на успехот и на реализацијата. Но, дали е навистина така? Што преовладува во современиот начин на живеење и какви вредносни начела се клучни за постигнување успех и за себереализација?
Денес е многу поважно по секоја цена да се биде на врвот, да се стане богат и успешен отколку да се почитува моралот, да се следат вредностите на човечноста, правичноста, чесноста и духовноста.
Постојат поединци што се подготвени на сѐ, само да се дограбат до фотелја или да ја задржат. Етиката ја загуби битката со прагматичката определба: најбитно е да ја остварам зацртаната цел, па е неважно со какви средства го постигнувам тоа.
Целта е клучна, а средствата за остварување на таа цел се оправдани.
Но, каде е моралноста во сето тоа. Ја нема. Како што тргнале работите, неа и сѐ поретко ќе ја има. Илузорно е да очекуваме да ја има кај оние што немаат чиста совест, чист образ, свест за општото добро и чувство за болките и страдањата што им ги создаваат на другите.
Овие тенденции предизвикаа да егзистираме во суров свет во кој постојано преовладуваат борбата, интригата, лагата и тесните интереси. Дваесет и првиот век стана познат по експанзијата на информатичката технологија проследена со сателитизација, смарт телефони, автоматизација, дигитализација, но и по ниско развиената свест за екосредината, семејните вредности, етиката и за напредокот на заедницата.
Мислата на англискиот филозоф Томас Хобс дека во природната состојба „човек на човека му е волк“ сѐ повеќе се актуализира и се наметнува како неминовен концепт на живеење, алудирајќи дека постои војна на сите против сите, односно дека повеќе никој не е сигурен и безбеден. Затоа е во пораст трговијата со наркотици, оружје, бели робје и со човечки органи, сѐ почесто се пројавуваат детска проституција и педофилија, има опасност од нуклеарна закана, епидемија и од нова економска рецесија. Сведоци сме дека сѐ повеќе се продуцираат болести и уништување на реки и шуми поради профит, постои империјалистички стремеж за глобална доминација и за воспоставување нов светски поредок во кој постепено ќе го загубиме правото на приватност и независност.
Технолошката деструкција создаде да живееме во општа загаденост на духот и телото, додека јазот (нееднаквоста) помеѓу екстремно богатите поединци и огромниот број осиромашени луѓе се интензивира. Мултинационалните компании и моќните корпорациски здруженија доминираат на глобалниот пазар и сѐ повеќе ги уништуваат малите и средните компании, со што придонесуваат за мултиплицирање на невработеноста. Во тој правец оди и определбата на одредени менаџери да ги намалат производствените и комерцијалните трошоци и да заштедат на човечки ресурси, така што е прашање на време кога вештачката интелигенција и роботиката ќе им ја земат работата на луѓето, па се поставува прашањето што ќе работи човекот и од што ќе живее.
Како што оди времето, сите овие нешта уште повеќе ќе ја зголемат анксиозноста кај луѓето кога ќе помислат на автоматизацијата на работните места и на нивната замена со вештачка интелигенција. Впрочем, егзистенцијалната несигурност, стравот од губење на работното место, нестабилните меѓучовечки односи, отуѓеноста, подложноста на стресни ситуации, неверства и разни зависности предизвикаа голем број од луѓето да побараат спас во седативите и антидепресивите, со што уште повеќе се заплеткуваат во лавиринтот на сопствената неавтентичност, зачмаеност и духовна загубеност.
Стремежот кон што побрза и полесна заработувачка предизвика хидромафијата и урбаната мафија да уништуваат голем дел од зелената површина, односно деградирање на малите реки и на природата, создавање бетонски џунгли и ставање на работ на опстанок на многу животински и растителни видови неопходни за природниот баланс на земјата. Што да се каже за податокот дека живееме во исклучително затруени средини во кои се празнуваат деновите на ниското атмосферско загадување? Последиците од дехуманизацијата, од постепеното уништување на природните ресурси, од човековата пренагласена ориентираност кон материјалните добра и лажните потреби создадоа армија фрустрирани, незадоволни, исплашени и изгубени луѓе, кои не умеат да ги пронајдат вистинската цел и смислата во животот.
Сите овие нешта го наметнаа прашањето: кој го направи тоа? И дали крајната цел на луѓето е да живеат во духовна неосвестеност, со потсвесна агресивност и со оддаденост на алчноста, манипулацијата и на ниските вредности на животот?
Фјодор Достоевски има кажано: „Кога е загубено богатството – ништо не е загубено, кога е загубено здравјето – сѐ е загубено“.
Како што тргнале работите, сите ние полека ќе попуштаме со здравјето и ќе ја губиме земјата под нозете, бидејќи ќе нема на што да се надеваме и на кого да се потпреме. Оние на кои сме им ја дале довербата да ја донесат светлината на надежта и да ги оттргнат темните облаци надвиснати врз јадрото на општеството, со својата некадарност, неспособност и загубеност во времето и просторот само уште побрзо нè туркаат кон амбисот на невредноста и ниските вибрации на опстојноста. Изневерените очекувања, општото разочарување и несигурноста во перспективите на иднината нужно го наметнаа прашањето: каде е спасот и дали постои решение за излез од бездната во која се наоѓаме?
Чуда постојат ако веруваме во нив.
Тие се случуваат кога нема да го бараме излезот во надворешните ветувања и влијанија, односно кога ќе ја пронајдеме целта во креирањето на свеста кон насоката на независноста, самостојноста и будноста. Клучот на успехот е нашата судбина да не зависи од туѓите одлуки и намери, туку од нашите цели и способности. Време е да ги преземеме работите во свои раце и да преиспитаме што можеме да направиме со сопствените таленти, вредности и можности.
Кога е целта мир со себе, внатрешна хармонија, чист образ и мирна совест, тогаш какви и да се околностите во кои живееме, ние имаме шанса да ги придвижиме нештата кон позитивната патека.
Затоа треба да ја зграпчиме шансата и да направиме сѐ што е во наша моќ – целта да ги определи средствата за постигнување успех.
Суштинска вредност е да станеме горди на самите себе, да веруваме дека поседуваме сила и капацитет за остварување на амбициите и да не се доведуваме во ситуација неосвестените да ни кажуваат како треба да размислуваме, за кого треба да се определиме и кому да му се подредуваме, божем, за да ни биде подобро. Народната умотворба која вели дека наведнатата глава сабја не ја сече, не кореспондира со денешното брзо темпо на живеење, во кое токму наведнатиот, малодушен, слаб и незаинтересиран поединец за одбрана на сопствените права е првиот што ќе биде исечен, прегазен, отфрлен, манипулиран и маргинализиран.
Еволуцискиот развој на свеста бара да се биде активен, разумен, достоинствен, самосвесен, способен и подготвен во борбите со негативните вибрации на околината и силен во спротивставувањето на непредвидливите удари на судбината. Кога се негува интегритетот на личноста, се вложува во знаењето, се верува во благородната цел и се работи за општото добро, тогаш и чуда се случуваат.












