Продолжува трендот на зголемена надворешна задолженост, при истовремен раст на надворешните финансиски побарувања, но со поизразено зголемување на обврските, што доведува до влошување на нето-позицијата на земјата, покажуваат податоците на Народната банка на крајот од првиот квартал од годинава.
Бруто-надворешниот долг изнесува 12.943 милиони евра, што претставува квартално зголемување од 742 милиони евра, односно 6,1 %. Најголем дел од растот доаѓа од јавниот сектор, чиј долг е зголемен за 461 милион евра, како и од приватниот сектор со раст од 280 милиони евра. Зголемувањето на јавниот долг, главно, се поврзува со новата емисија еврообврзници од страна на државата, додека кај приватниот сектор растот е распределен меѓу зголемениот долг на капитално поврзаните субјекти (за 177 милиони евра), на приватните банки (за 76 милиони евра) и на небанкарскиот приватен сектор (за 27 милиони евра).
Во исто време, бруто-надворешните побарувања се зголемија за 523 милиони евра и достигнаа 8.139 милиони евра, што претставува раст од 6,9 %. Овој пораст е резултат на зголемените побарувања и во приватниот (за 265 милиони евра) и во јавниот сектор (за 257 милиони евра), при што значаен придонес имаат капитално поврзаните компании (за 194 милиони евра), небанкарскиот приватен сектор (за 44 милиони евра) и приватните банки (за 27 милиони евра).
Како резултат на побрзиот раст на обврските во однос на побарувањата, нето-надворешниот долг на 31 март 2026 година се зголеми за 218 милиони евра и на крајот од март 2026 година изнесуваше 4.804 милиони евра, односно 26,2 % од проектираниот БДП. Во структурата на нето-долгот и натаму доминира приватниот сектор со 68 %.
Паралелно со ова, негативната нето-меѓународна инвестициска позиција (МИП) се влоши за 259 милиони евра и достигна 9.009 милиони евра, што претставува 49,1 % од проектираниот БДП за 2026 година. Зголемувањето произлегува од поголемото зголемување на обврските (за 923 милиони евра), во однос на зголемувањето на средствата (за 664 милиони евра). Гледано по инструменти, кварталниот раст на негативната МИП, нето, произлегува од зголемените нето-обврски врз основа на должничките инструменти (за 218 милиони евра), при истовремен раст и на нето-обврските врз основа на сопственичките инструменти (за 40 милиони евра).












