среда, јуни 24, 2026
Дома МАГАЗИН Македонската поп-пејачка Ана Петановска како главна ѕвезда на балканските музички фестивали

Македонската поп-пејачка Ана Петановска како главна ѕвезда на балканските музички фестивали

1

Сонот ѝ стана јаве! Поп-пејачката Ана Петановска или Ана Петан како што ѝ е уметничкото име е една од највредните на естрадата. Последниве неколку месеци е пребукирана со фестивалски настапи, а и со концерти. Имаше забележителни настапи на фестивалите, а еден од нив е оној на годинашното издание на фестивалот „Белградска пролет“, на кој ја промовираше македонската верзија на емотивната композиција „Балада за ангелот“, проследена со видеоспот.

Песната ја доживеа својата премиера на престижниот јубилеен 65-годишен фестивал во Белград. Интересно е што композицијата е создадена специјално за фестивалот и првично е напишана на српски јазик. Музиката ја потпишува македонскиот композитор Григор Копров, кој ја пронашол инспирацијата за песната во едноставен, но длабоко емотивен коментар оставен од Ана, под видеозапис за вечниот Тоше Проески. Коментарот гласел: „Кога сум тажна – тука си, кога сум среќна – тука си“. Токму оваа мисла станала темел за рефренот и почеток на приказната што подоцна прерасна во целосна музичка композиција.

„Балада за ангелот“ носи силна емотивна порака и потсетува на трајната поврзаност меѓу музиката и луѓето, кои во неа наоѓаат утеха, сила и инспирација. Публиката во Србија веднаш ја почувствува искреноста на песната, а позитивните реакции продолжија и по фестивалската вечер. Покрај музиката на Копров, автор на оригиналниот српски текст е Душан Бачиќ, додека македонската верзија ја потпишува самата Ана Петан. Аранжманот е дело на македонскиот продуцент, гитарист и нејзин брат, Стефан Петановски.

Но, за Ана, ова не значи крај на фестивалската сезона. Допрва почнува. Следна фестивалска станица ќе ѝ биде  интернационалниот фестивал „Бисер на Јадранот 2026“ (Бисер Јадрана), кој ќе се одржи во Тиват, на Црногорското Приморје. Таму, на средината од јули, ќе настапи во дует со познатата русокоса и поранешна атрактивна членка на популарната група „Фрајле“, Наташа Михајловиќ од Нови Сад. Двете пејачки ќе се претстават со композицијата „Под ногама“, од која се очекува да биде една од поинтересните фестивалски песни ова лето. Со оглед на тоа што минатата година Ана ја освои првата награда „Златен бисер“, пеејќи ја песната „Небо“ во дует со славниот рокер Дадо Топиќ, добрите прогнози се тука. Ништо чудно доколку се повтори победата.

Истата дуетска песна Ана ќе ја пее со Наташа, на претстојниот „Охридфест“, на сцената на Долни Сарај, на интернационалната вечер и пред камерите на десетина балкански телевизии. Со сето тоа, распеаната Ана Петан уште еднаш на сите ни докажува дека македонската музика има што да понуди и надвор од домашните рамки. На тој начин продолжува успешно да ја претставува Македонија на балканската музичка сцена, и тоа со право, како главна ѕвезда.     фото: ФБ-архива

 

ИЗДВОЕНИ