Во рамките на проектот „Пристапност и инклузија за сите до јавните туристички добра и услуги“ (TX4ALL) во кој учествува Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион, ќе се направи инклузивна плажа на брегот од Дојранското Езеро. Проектот се спроведува преку интерег VI-A ИПА-програмата меѓу Македонија и соседна Грција.
Како што соопштија од Центарот за Југоисточниот Регион, на почетниот состанок одржан во Солун, организиран од водечкиот партнер, Институтот на националната конфедерација на лица со попреченост од Грција, биле презентирани проектните тимови и активностите што се планираат.
– Проектот има цел да реализира повеќе активности насочени кон подобрување на пристапноста во туризмот – велат од Центарот за Југоисточниот Регион.
Покрај создавањето инклузивна плажа на Дојранското Езеро, меѓу другото, предвидени се и набавка на електрични возила за разгледување на туристичките локации во Југоисточниот Регион, поставување 14 универзално пристапни знаци за насочување, како и набавка на 18 мобилни рампи за општините во регионот.
Од Центарот посочуваат дека проектот TX4ALL претставува значаен чекор кон создавање подостапен, поинклузивен и одржлив туризам, кој ќе овозможи еднаков пристап на сите граѓани до туристичките услуги.












