Македонија влегува во еден од најголемите инфраструктурни инвестициски циклуси во својата историја, со вкупни вложувања од над пет милијарди евра само на Коридорот 8. Владата паралелно инвестира во автопатите, железничката инфраструктура, граничните премини и во аеродромите, а целта е земјата да се позиционира како клучна транспортна и економска врска меѓу регионот и Европа.
Ова го порача вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, на бизнис-форумот „Преку границите“, нагласувајќи дека само во патната инфраструктура на Коридорот 8 моментно се инвестираат 2,1 милијарда евра, додека во железничкото поврзување, во следните пет-шест години, ќе бидат вложени над три милијарди евра.
– Тоа се вкупно 5,5-6 милијарди евра инвестиција само на Коридорот 8 – истакна Николоски.

Тој потенцираше дека станува збор за историски обем на инвестиции за држава со големина и економија како македонската.
– Во моментот, во активна градба или во завршување, само во делот на автопатите и експресните патишта на Коридорот 8, имаме инвестиции од 2 милијарди и 100 милиони евра, што за држава од милион и 800 илјади жители и бруто-домашен производ од 21 до 22 милијарди долари е огромна инвестиција – рече министерот.
Николоски се осврна на повеќе капитални проекти што веќе се реализираат или се во финална фаза пред почетокот на изградба. Меѓу нив е и автопатот Охрид – Кичево, проект вреден близу 800 милиони евра, кој по долгогодишни проблеми и застои, како што рече, конечно влегува во завршна фаза.
Тој најави и нови инвестиции за поврзување на овој автопат со граничниот премин Ќафасан кон Албанија, проект што ќе се реализира во координација со УНЕСКО, поради заштитениот регион околу Охрид.
– Не е прашање дали, прашање е само како и каде – рече Николоски, посочувајќи дека проектот ќе чини околу 250 милиони евра.
Министерот информираше дека Владата е во финална постапка за избор на изведувач на автопатот Кичево – Букојчани, инвестиција вредна околу 220 милиони евра, додека на делницата Букојчани – Гостивар веќе активно работи конзорциумот „Бехтел и Енка“ и таму прогресот на работите е околу 50 проценти.
Во пакетот инфраструктурни проекти се и реконструкцијата на скопската обиколница, изградбата на експресниот пат Куманово – Страцин, како и модернизацијата на граничните премини Ќафасан и Деве Баир.
Паралелно со патната инфраструктура, државата започнува и масовен инвестициски циклус во железницата, особено во делот на железничкото поврзување со Бугарија и со Албанија. Николоски откри дека е постигнат договор со Бугарија и дека инвестициите во железничката инфраструктура ќе надминат три милијарди евра.
– Минатиот јануари ја пуштивме првата секција од спојот со Бугарија, вредна 90 милиони евра. Во моментот ја работиме втората секција, вредна 200 милиони евра – рече тој.
Во тек е и тендерската постапка за третата фаза од железничкото поврзување со Бугарија, проект вреден околу 500 милиони евра, кој се реализира со поддршка од Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка и Европската Унија. Дополнително, Владата работи и на целосна реконструкција и модернизација на железничката линија Скопје – Тетово – Гостивар – Кичево, како и на изградба на нова железничка делница кон Охрид, Струга и албанската граница.
– Кога ќе се соберат сите овие проекти, многу лесно се доаѓа до бројката од над 3 милијарди евра инвестиции во железницата во следните пет-шест години, само на Коридорот 8 – подвлече Николоски.
Тој се осврна и на развојот на Коридорот 10, каде што се планира изградба на брза железница од граница до граница, со брзина од 200 километри на час за патничкиот и 120 километри на час за каргосообраќајот.
Според Николоски, целта на овие инвестиции не е само подобрување на транспортот туку и создавање нови економски можности и посилно регионално поврзување. Во тој контекст, тој ја цитираше изјавата на албанскиот претседател, Бајрам Бегај.
– Не ги градиме автопатите за од Скопје да се оди на кафе во Охрид или во Струга, туку ги градиме за да развиваме бизнис и односи со соседните држави – рече Николоски, пренесувајќи ја пораката на Бегај.
Тој порача дека инфраструктурните проекти не смеат да останат само политички, безбедносни или сезонски туристички инвестиции туку треба да станат и двигател на економскиот развој.
– Треба да работиме овие проекти навистина да го развијат бизнисот – порача Николоски пред бизнисмените и институционалните претставници присутни на форумот.
(С. Бл.)












