Нова транша во износ од 45,2 милиони денари е префрлена од централниот буџет кон Развојната банка за поддршка на инвестициите на домашните компании, информираат од Министерството за финансии. Со најновата исплата, вкупната финансиска поддршка што ја реализирала Владата досега преку оваа мерка достигнува 14,9 милијарди денари, односно околу 242 милиони евра. За оваа намена, во буџетот се предвидени вкупно 250 милиони евра.

Од Министерството за финансии посочуваат дека средствата имаат значајна улога во реализацијата на приватните инвестиции и во поттикнувањето на економската активност во земјава. Првата транша кон Развојната банка за поддршка на домашните компании беше реализирана во март минатата година.

Финансиските средства се обезбедени преку унгарската Експорт-импорт банка, со цел поттикнување нов инвестициски циклус во приватниот сектор и забрзување на економскиот раст. Кредитната поддршка се пласира преку Развојната банка и деловните банки до крајните корисници – домашните компании, под поволни услови. Каматната стапка изнесува 1,95 проценти, рокот на отплата е до 15 години, а предвиден е и грејс-период до три години.

Со оваа мерка, Владата има цел да им обезбеди на домашните компании поповолни извори на финансирање за реализација на инвестиции, проширување на производствените капацитети и зајакнување на нивната конкурентност.

ИЗДВОЕНИ