Минатогодишниот национален победник на „Поетски слем Македонија“, Виктор Спасески од Прилеп, ќе ја претставува Македонија на претстојниот Европски шампионат во слем-поезија, кој се одржува деновиве во Грац, Австрија.
Тој ќе се натпреварува со победници од триесет европски држави за титулата Европски шампион во слем-поезија и за квалификации за учество на Светскиот шампионат.
За натпреварот се квалификуваа 30 шампиони, од Шведска до Грција и од Португалија до Украина. Сите се дојдени со цел да ја прослават јазичната разновидност на нашиот континент, велат организаторите на Шампионатот. Инаку, правилата за Европското првенство се: оригинални текстови, слободен избор на тема, временско ограничување од четири минути, без костими или реквизити. Дозволено е на сцена да бидат само поетите, нивните листови хартија и нивните гласови.
– Публиката е таа што одлучува: секој што сака, може да му се придружи на жирито и да помогне да се одреди кој ќе ја однесе титулата дома, додаваат од организацијата на Европскиот поетски-слем.
Во првото полуфинале учествуваат претставници од Австрија, Белгија, Кипар, Данска, Естонија, Финска, Ирска, Латвија, Луксембург, Македонија, Норвешка, Полска, Шкотска, Словачка и Словенија.
Дел од второто полуфинале се учесниците од Хрватска, Чешка, Англија, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Холандија, Португалија, Романија, Србија, Шпанија, Шведска, Швајцарија и Украина.
Од 2014 година до денес, на европските слем-шампионати Македонија ја претставуваа: Афродита Николова од Штип, Елена Пренџова од Скопје, Игор Трпчески од Прилеп, Марија Грубор од Велес, Никола Дукоски од Прилеп, Горазд Кени Китановски од Скопје, Миланчо Пендев од Кавадарци и Матеј Петров од Скопје, кој беше еден од дванаесетте претставници што не се натпреваруваа во Берлин, поради ограничениот број учесници и извлекувањето со ждрепка.
Годинашната победничка Валерија Дамчевска од Битола следната година ќе се натпреварува на Европскиот шампионат во слем-поезија во Естонија.












