Националниот џез-оркестар ќе биде дел од завршната вечер на 35. издание на „Гимараеш џез“, еден од најзначајните џез-фестивали во Португалија и во Европа. Вечерва (21 ноември), во концертниот центар „Сенту културал Вила Флор“ во Гимараеш, оркестарот ќе настапи заедно со Курт Елинг, едно од водечките имиња на светската џез-сцена, под диригентската палка на маестро Џијан Емин.

Средбата на препознатливиот вокален израз на Елинг со богатиот оркестарски звук на Националниот џез-оркестар, под водство на Џијан Емин, ќе биде претставена на главната фестивалска сцена.

Елинг е еден од најистакнатите светски џез-вокалисти, со меѓународна кариера што трае повеќе од три децении. Во текот на својата кариера, соработувал со бројни еминентни музичари, меѓу кои Бренфорд Марсалис и Данило Перес, а настапувал и со престижни оркестри како Њујоршката филхармонија. Добитник е на две награди „Греми“ во категоријата за најдобар џез-вокален албум.

Со овој настап, Националниот џез-оркестар ја продолжува својата приказна на европските сцени, носејќи го македонскиот џез во друштво на врвни светски музички имиња.

ИЗДВОЕНИ