Пред зградата на Владата денеска се одржува протест против фемицидот и насилството врз жените, на кој граѓани и активистки со транспаренти и силни пораки побараа правда, заштита и одговорност од надлежните институции. Повод за протестот, организиран на иницијатива на „Ниту една повеќе“ и Платформата за родова еднаквост, се осумте убиени жени, чии случаи повторно ги отворија прашањата за институционалните пропусти и недоволната заштита на жртвите на родово базирано насилство.
На собирот можеа да се забележат транспаренти со пораките „Кој ви даде право да не убивате“, „Закони на хартија, жени во гробиви“, „Мал престап, жени убива брат“ и „Бараме институционална одговорност“, преку кои присутните го изразија револтот поради убиствата на жените и, како што посочија, несоодветното постапување на институциите.

Организаторките бараат навремена реакција по секоја пријава за семејно и родово базирано насилство, сериозна проценка на ризикот и конкретни механизми за заштита на жените кои се изложени на опасност.
Особено се нагласува потребата од подобра координација меѓу полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа, со цел предупредувањата и пријавите да не бидат игнорирани или потценети.

Активистките порачаа дека насилството врз жените не смее да се третира како приватен проблем и дека секое институционално непостапување може да има трагични последици.
Протестот е повик пријавувањето насилство да значи вистинска заштита, а не дополнителен страв и неизвесност за жртвите.

Главната порака од денешниот собир е јасна: ниту една жена не смее да го загуби животот поради ненавремена реакција на институциите. Организаторките бараат конкретни мерки, одговорност и систем кој ќе ги штити жените, наместо да реагира дури откако ќе се случи нова трагедија.












