петок, ноември 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Јаневска: Секое дете заслужува можност да го развие својот полн потенцијал, да...

Јаневска: Секое дете заслужува можност да го развие својот полн потенцијал, да расте со љубопитност наместо со страв

1

Обезбедувањето добар почеток, квалитетно образование и достоинствен живот за секое дете е заедничка одговорност на институциите, компаниите и на целото општество, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на одбележувањето на Светскиот ден на детето и почетокот на одбележувањето на 80-годишнината од основањето на УНИЦЕФ, на настанот „Ѕвониме за децата“, организиран од УНИЦЕФ и од Македонската берза.

– Имаме заедничка привилегија да бидеме возрасните во детството на денешните деца. Тоа ја прави нашата одговорност уште поголема. Секое дете заслужува можност да го развие својот полн потенцијал, да расте со љубопитност наместо со страв и да учи во средина што го охрабрува да прашува, да истражува и да верува во сопствените способности – посочи министерката.

Таа нагласи дека Министерството за образование и наука континуирано вложува во подобрувањето на основното образование, како преку унапредување на училишната инфраструктура така и преку создавање поквалитетно и побогато училишно искуство за учениците.

– Со воведувањето на едносменската настава и со проширувањето на продолжениот престој во училиштата, на децата им обезбедуваме повеќе време за учење, дружење, спорт, креативност и за развивање на нивните интереси. Училиштето не е само место каде што стекнуваат децата знаење. Тоа е место каде што ги градиме како личности –  истакна Јаневска.

Наведе дека тука особена улога имаат наставниците, кои, како што кажа, покрај пренесувањето на знаења, треба да ги слушаат учениците, да ги разбираат нивните потреби и да ги поттикнуваат самостојно да размислуваат.

– Секое дете заслужува да има училиште што е отворено за него. Ова лесно се кажува, но има многу предизвици во реализацијата. Сепак, истрајни сме во напорите да обезбедиме поквалитетна инклузија, повеќе запишани и помалку испишани ученици – укажа Јаневска, нагласувајќи дека иницијативата „Ѕвониме за децата“ испраќа важна порака дека правата и потребите на децата треба да бидат дел од секоја општествена одлука.

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски кој присуствуваше на настанот, истакна дека, како министерство, посветено работат на проширување на мрежата на детски градинки, подобрување на квалитетот на предучилишното воспитание и на обезбедување поголема поддршка за децата со попреченост и за децата од ранливите семејства.

Претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, рече дека Македонија не може да ги промени демографските трендови прекуноќ, но одлуките што ги носи денес може да ги обликуваат нејзиниот развој и идниот просперитет.

– Во услови кога се намалува бројот на деца, потенцијалот на секое дете е поважен од кога било. Од инвестициите во најраните години од животот и во обезбедувањето силен почеток за секое дете има повеќекратни придобивки: подобри резултати за децата, поголеми можности за жените и за семејствата, намалување на нееднаквоста, посилни компании и развој на човечкиот капитал што ѝ е потребен на државата за поотпорна иднина – изјави Милер.

Годинашниот Светски ден на детето и јубилејот на УНИЦЕФ се одбележуваат под глобалниот повик „Да избереме иднина за децата“, со акцент на вложувањето во најраните години од животот и на проширувањето на еднаквиот пристап до квалитетно рано учење, образование и грижа за секое дете.

ИЗДВОЕНИ