Ракувањето со доказниот материјал при претресот во домот на родителите на апелацискиот судија Ѓоко Ристов во Неготино не било во согласност со стандардните криминалистичко-форензички процедури. Ова е главниот заклучок од вештачењето на Атанас Козарев, кој сведочеше во Кривичниот суд во Скопје, на судењето за обвинетиот судија Ѓоко Ристов. Тој рече дека при отворањето, раздвојувањето и оставањето на алуминиумските фолии на подот постоела реална можност за внесување или пренос на туѓа ДНК. Предмет на неговата анализа бил начинот на кој полициските службеници постапувале со фолиите и банкнотите пронајдени на 18 јануари 2026 година, скриени во заѕидан простор во ѕидот на кујната. Вештакот рече дека досега не видел доказен материјал да се обработува на ваков начин, при што фолиите се отвораат и раздвојуваат, се губи врската меѓу нив и се оставаат на подот.
Козарев посочи дека на дел од фотографиите се гледаат необележани фолии кои допираат до подот во просторија што не била форензички заштитена. Притоа, на подот можело да има биолошки материјал од повеќе лица, што дополнително го зголемува ризикот од контаминација.
„Клучен заклучок би бил дека во конкретниот случај, поради отсуството на антиконтаминациски мерки, не е заштитен доказниот материјал во целост и реална е можноста за внесување или пренос на туѓа ДНК“, изјави вештакот.
Во текот на испитувањето, обвинителката Искра Хаџи Василева побара во судницата да биде прикажана снимка објавена на Јутјуб, на која се гледа како италијанската полиција постапувала при пронаоѓање пари скриени во ѕид. И покрај приговорот, судијката Билјана Коцевска дозволи да биде пуштено видеото.
„Јас сум запрепастен и од ова видео на кое се гледа дека некои имаат, а некои немаат ракавици“, коментираше вештакот Козарев.
Во случајот против Ристов, Обвинителството тврди дека при претресот во домот на неговите родители биле пронајдени 350.000 евра, скриени во шуплините од тули во ѕидот. Парите биле распоредени во 13 пакувања, со вкупно 610 банкноти од по 500 евра и 225 банкноти од по 200 евра. Дел од пакувањата имале рачно испишани износи. Следното рочиште е закажано на 9 декември за кога е предвидено почнување на фазата пред пресуда, а тоа е давање на завршен збор. (П.А.)












