Со комбинирана владина поддршка во инфраструктурата, земјоделството и туризмот, се развива Општина Валандово. Предвидена е финансиска поддршка од околу 100 милиони денари, од кои 65 милиони денари се директно од буџетот на Министерството за транспорт и околу 35 милиони денари преку двата повици за инфраструктурни проекти, нагласи заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, при вчерашната посета на општината Валандово.
Тој напомена дека се реализира голем проект, а тоа е асфалтирање на улици и тоа во село Собри од 650 метри, во село Пирава од 580 метри, во село Брајковци од 774 метри, во село Раброво во должина од 1.230 метри и во село Марвинци, во должина од 1.560 метри, што сериозно треба да придонесе за подобрување на условите за живот на жителите на сите овие населени места.
Според Николоски, бидејќи овие населени места се во близина на Коридорот 10, најживиот и економски најзначајниот автопат, ова ќе значи можност и за искористување на туристичкиот потенцијал на овие места. Тој најави и реконструкција на регионалниот пат од Валандово до Струмица преку Валандовско Брдо.
– Имајќи предвид дека постојниот пат е во лоша состојба, екипите на Јавното претпријатие за државни патишта направија увид, ја скенираа состојбата, направивме проект и очекувам во најскоро време да излезе повикот од ЈПДП, со кој треба да се избере изведувач кој ќе направи целосна реконструкција на овој пат – нагласи Николоски.












