На 21 ноември, со почеток во 20 часот, Кинотеката на Македонија ќе ја одбележи десетгодишнината од смртта на Дарко Марковиќ, еден од најзначајните македонски карикатуристи, аниматори и автори на анимирани филмови, со специјална ретроспективна проекција на десет негови кратки анимирани филма.

Дарко Марковиќ (1940–2016) остави длабока и препознатлива трага во македонската визуелна култура, карикатурата и анимацијата. Со својот автентичен авторски израз, проникливиот хумор, сатирата и со критичкиот поглед кон општеството, тој создаде дела што и денес ја задржуваат својата уметничка вредност и актуелност.

Неговото творештво претставува значаен дел од историјата на македонската кинематографија и развојот на анимираниот филм. Преку едноставни, но моќни визуелни решенија, Марковиќ ги истражуваше човековата природа, општествените противречности, апсурдот на секојдневието и универзалните прашања на човековото постоење. Неговиот препознатлив цртеж и специфичниот хумор создадоа единствен филмски јазик во кој карикатурата прераснува во подвижна слика, а сатиричниот коментар во универзална уметничка порака.

По повод оваа значајна годишнина, Кинотеката ќе прикаже десет кратки анимирани филма создадени во периодот од 1976 до 1980 година, кои сведочат за креативната разновидност, оригиналноста и за препознатливиот уметнички ракопис на авторот. Станува збор за: „Граница“ (1976) – 6 мин., „Стоп“ (1976) – 7 мин., „Три минути во светот на Мирослав Бартак“ (1976) – 4 мин., „Бело топче“ (1977) – 4 мин., „Пет филма од рака“ (1977) – 4 мин., „Стрелби“ (1977) – 10 мин., „Буквар за писмени“ (1978) – 11 мин., „Последниот прозорец“ (1979) – 1 мин., „Циркус“ (1979) – 2 мин. и „Рака“ (1980) – 11 мин.

ИЗДВОЕНИ