П. Антеска
Зад навидум безопасните онлајн пријателства може да се крие мрежа од манипулации, закани и брутални уцени, насочени кон најранливите – децата. Преку лажни профили на социјалните мрежи и онлајн игрите, предаторите најпрво ја стекнуваат нивната доверба, а потоа ги принудуваат на самоповредување, насилство и други опасни дејства. За сериозноста на заканата предупредува и македонското МВР, кое проверува дали пријавените случаи на самоповредување кај деца во земјава се поврзани со мрежата „764“. Алармантни се и податоците на УНИЦЕФ, според кои околу 12.000 деца во Македонија биле изложени на сексуална експлоатација или злоупотреба преку дигитални технологии во период од една година
Детето мисли дека разговара со врсник, дека стекнало нов пријател или дека комуницира со некој што го разбира. Но, зад профилот може да се крие лице кое има сосема поинаква намера – да ја стекне неговата доверба, да добие лични фотографии и податоци, а потоа со закани и уцени да го принуди на самоповредување, насилство или други опасни дејства.
На ваква опасност предупредува македонското МВР, кое упати апел до родителите, старателите, наставниците и јавноста да внимаваат на појавата позната како „764“. Станува збор за насилна онлајн мрежа чии членови целат кон децата, малолетници и други ранливи лица, ги манипулираат и ги принудуваат да создаваат содржини со кои потоа дополнително ги контролираат.
Мрежата не функционира преку една апликација, туку користи различни социјални мрежи, комуникациски платформи и онлајн игри. Според МВР, контактите се воспоставуваат преку „Дискорд“, „Телеграм“, „Роблокс“, „Инстаграм“, „Тик-ток“, „Снепчет“, „Редит“, „Икс“, „Мајнкрафт“ и „Фортнајт“. Членовите најчесто се претставуваат како врсници или како некои што се заинтересирани за пријателски и емотивен однос. Откако ќе ја стекнат довербата на детето, почнуваат со барања за интимни фотографии и видеоснимки, а потоа следуваат закани и уцени. Добиените слики или видеа стануваат средство за понатамошна контрола – децата се плашат дека содржините ќе бидат објавени или испратени до нејзиното семејство. Освен сексуална уцена, според безбедносните институции, од жртвите се бара да се самоповредуваат, да повредуваат други лица или животни, а во најтешките случаи се поттикнуваат и на дејства со животозагрозувачки последици.

Колку е сериозна оваа појава покажува и случајот во САД. На 8 октомври годинава, Пресан Непал, познат под псевдонимот „Трипи“, призна вина за заговор за сексуална експлоатација на деца. Тој бил еден од раководителите на мрежата „764“, а заедно со соработниците, според судските документи, од 2021 до 2025 година организирал злоупотреба на малолетници преку шифрирани комуникациски платформи. Американското Министерство за правда документирало најмалку осум малолетни жртви, меѓу кои и деца на возраст од 13 години. Од новите членови се барало да создаваат насилни содржини за да стекнат статус во мрежата. Материјалите од злоупотребите се разменувале и се чувале во дигитални архиви, а се користеле за регрутирање и уценување. Обвинетиот во САД се соочува со затворска казна од 15 до 30 години, а изрекувањето на пресудата е закажано за март 2027.
Еден од најголемите проблеми е начинот на кој функционираат овие групи. Еден сторител може да живее во Америка, друг во Германија, а жртвата во Македонија. Комуникацијата, уцените и размената на материјали се одвиваат преку интернет.
– МВР ги повикува родителите да внимаваат на ненадејните промени во однесувањето на децата, нивното повлекување, стравот, раздразливоста, зголемената таинственост при користењето на телефоните и комуникацијата со непознати лица. Особено внимание треба да се посвети на заканувачки пораки, барања за испраќање фотографии, необјаснети повреди и разговори за смрт и самоубиство, од Министерството нагласуваат дека овие знаци не мора автоматски да значат дека детето е жртва на ваква мрежа, но не треба да се игнорираат.
Родителите треба да разговараат со децата за нивните активности на интернет и да им дадат до знаење дека можат да побараат помош без страв дека ќе бидат обвинети или казнети.
По информациите во јавноста дека веќе има случаи на самоповредување на дете од основно училиште од Скопје, од МВР за весникот ВЕЧЕР информираат дека истражуваат дали се работи за озлогласената група „764“ што заведува на игрите на интернет и на социјалните мрежи.
– Полицијата постапува по добиените пријави и сознанија поврзани со оваа проблематика. Во тек се активности за проверка и анализа на информациите, при што се испитува и евентуалната поврзаност со групата „764“, имајќи предвид дека во одредени случаи се забележани елементи кои укажуваат на таква можност. Поради тековните активности, во оваа фаза не би изнесувале конкретни податоци за бројот на пријави и градовите од кои се поднесени, велат за ВЕЧЕР од МВР.
Оттаму повикуваат секој сомнеж или информација за активности поврзани со „764“ и слични мрежи може да се пријави во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, на адресата [email protected].

– Доколку располагате со информации што можат да помогнат во постапувањето, зачувајте ги пораките, корисничките имиња, линковите и другите релевантни податоци. Не стапувајте во конфронтација со лицата кои упатуваат закани и не преземајте чекори со кои би можеле дополнително да ја загрозите безбедноста на детето. Не преземајте и не препраќајте експлицитни материјали во кои се прикажани малолетници, апелираат од МВР
Според истражување на УНИЦЕФ објавено во август 2026 година, едно од десет деца во Македонија на возраст од 12 до 17 години кои користат интернет било изложено на сексуална експлоатација или злоупотреба овозможена преку дигитални технологии во период од една година. Се проценува дека станува збор за околу 12.000 деца.












