Македонските ракометни судии, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов официјално се суспендирани на две години од Европската ракометна федерација (ЕХФ), а згора на тоа, ќе мораат да платат и парична казна поради манипулација со фитнес тестовите пред стартот на последното Европско првенство. Најдобрите македонски арбитри ќе треба да платат по 5.000 евра како казна за сторениот прекршок.
„Ракометниот суд на ЕХФ донесе одлука во случајот отворен против македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Пред машкото Европско првенство годинава, ЕХФ ја повлече номинацијата на двајцата судии од Македонија поради наводна манипулација со прикачените видео снимки од таканаречениот „Тест за кондиција во повеќе фази“.
Врз основа на анализата на партнерот за интегритет на Европската ракометна федерација, „Спортрадар“, Ракометниот суд заклучи дека спорните видеа биле манипулирани и затоа ги изрече следните санкции.
Двајцата судии се суспендирани од извршување на каква било функција во рамките на ЕХФ и учество во какви било активности на ЕХФ во период од две години од датумот на првостепената одлука поради сериозно неспортско однесување.
Секој судија мора да плати казна од 5000 евра за фундаментални прекршувања на Кодексот на однесување на ЕХФ. Жалба на оваа одлука може да се поднесе до Апелациониот суд на ЕХФ во рок од седум дена“, стои во соопштението на ЕХФ.
Начевски и Николов се меѓу најдобрите ракометни судии во светот и зад себе имаат огромен број важни меѓународни натпревари, како во Лигата на шампионите, така и на Европските и Светските првенства.












