Бројот на повредени во несреќата со исклизнување на воз во Франција – која се случи во петокот вечерта меѓу Руан и Кан, во северниот дел на земјата – се искачи на 44, според информациите од француските власти и железничкиот оператор; претходните извештаи укажуваа на околу 20 повредени.
Едно од повредените лица е во критична состојба и е пренесено со хеликоптер од местото на несреќата, изјави за новинарите локалниот претставник (префект) Жан-Беноа Албертини. Останатите повредени главно се здобиле со полесни повреди, пренесува BFM Normandie.
Возот излетал од шините откако удрил во непознат предмет, соопшти портпарол на француската полиција.
Државниот железнички оператор SNCF соопшти дека е во тек истрага за причините за несреќата.
Возот превезувал 180 патници и излетал од шините во близина на градот Клеон, објави министерот за транспорт Филип Табаро на социјалната мрежа „Икс“.
На местото на несреќата се ангажирани 140 пожарникари кои им помагаат на повредените и на останатите патници, додаде тој.
Un train déraille en Seine-Maritime, 44 blessés dont une personne en urgence absolue https://t.co/bH4BRfA6Yx
— BFM (@BFMTV) September 11, 2026
Локалните власти апелираа до јавноста да ја избегнува таа област.
Железничкиот сообраќај меѓу Руан и Кан, како и меѓу Кан и Авр, е прекинат, а ќе биде воведен заменски автобуски превоз, соопштија од SNCF.












