сабота, јуни 6, 2026
Дома ТОП 4 НА СОБИРОТ НА АЛБАНСКАТА ДИЈАСПОРА ВО ТИРАНА: Еди Рама пак ги спои...

НА СОБИРОТ НА АЛБАНСКАТА ДИЈАСПОРА ВО ТИРАНА: Еди Рама пак ги спои Фатмир Лимани и Али Ахмети-случајност или стратегија?

Двајцата гости од Македонија седеа во истиот ред со албанскиот премиер Рама, а за кусо време ова е нивно ново појавување на една манифестација во организација на првиот човек на албанската Влада

1096

Ново заедничко појавување на актуелниот министер за социјална политика, Фатмир Лимани, и лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, се случи синоќа, во албанската престолнина Тирана, во организација на албанскиот премиер, Еди Рама. Лимани и Ахмети беа меѓу бројните поканети гости на Четвртиот Самит на дијаспората кој завршува утре, во објектот на тиранската Опера и балет, со учество на бројни претставници на албанската дијаспора. Двајцата гости од Македонија, но и актуелниот собраниски претседател, Африм Гаши, седеа во истиот ред со албанскиот премиер Рама. За кусо време, ова е ново појавување на Лимани и на Ахмети на една манифестација во организација на премиерот Рама, откако тие се сретнале за време на ифтарската вечера одржана на 12 март, во албанската метропола. Тоа тогаш ги подгреа шпекулациите за доближувањето меѓу лидерот на ДУИ Ахмети и министерот Лимани, кој веќе не е во добри односи со партнерите од коалицијата „Вреди“ и има неизвесна иднина како министер.

Сè уште е непознато дали за време на престојот во Тирана, Лимани и Ахмети имале и заедничка средба. Организаторот на манифестацијата, министерот Лимани, го поканил да учествува на панелот посветен на улогата на албанската дијаспора во помагањето на развојот на локалните и руралните заедници и промоција на локалниот туризам. Ахмети, пак, е дел од учесниците на панелот кој дава одговор на прашањето дали државата и албанската дијаспора „Го прават она што е потребно да се направи заедно“? Лидерот на „интегративците“ на својот профил на „Фејсбук“ објави и повеќе фотографии од манифестацијата, на кои се гледа и министерот Лимани во негова близина.

– Овој самит служи како мост на единство за Албанците каде и да се, зајакнување на соработката, споделување искуства и заедничка посветеност на развојот на нацијата и европската перспектива – објави Ахмети.

Околу новото заедничко појавување на Лимани и Ахмети вчера немаше реакции од коалицијата „Вреди“ и опозициската ДУИ. Претходно, по нивното заедничко појавување на ифтарската вечера минатиот месец, од редовите на коалицијата „Вреди“ на социјални мрежи се објави коментар дека „актуелниот министер, Фатмир Лимани, „замина“ кај Али.

– Како го коментирате неговото заминување од движењето Беса? – беше наведено во објавата на фејсбук-страницата на „Вреди“ од каде што побараа и објаснување од Лимани.

На ова, актуелниот министер за социјална политика одговори дека „на ифтарот бил поканет како министер кој ја почитува традицијата“. Но, тој тогаш прати и порака дека против него се прави отворен и исклучувачки обид.

– Не е тајна дека во рамките на „Вреди“ се развива борба со „лакти“ за да се заменат, со анонимни фигури, главните протагонисти кои го реализираа проектот на обединување. Во такви околности, никој не може да очекува јас да стојам со скрстени раце – предупреди министерот Лимани.

Сето ова ги подгреа шпекулациите околу неговиот иден статус во македонската Влада. Премиерот Христијан Мицкоски неодамна најави дека промените во Владата може да се очекуваат во мај или јуни, но и дека на тоа ќе претходат консултациите со партнерите.

– Ние имаме принципиелен договор како коалициски партнери во Владата, сите три политички структури, тоа се коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди – Влен“ и политичката партија ЗНАМ. Најавивме дека во мај или во јуни ќе имаме реконструкција во самата Влада и се разбира дека многу од прашањата за време на реконструкцијата и пред неа ќе бидат ставени на маса и ќе разговараме за тоа –  рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање дали ќе биде разрешен министерот Фатмир Лимани по објавувањето негова фотографија со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Претходно, премиерот Мицкоски беше на ставот дека е мошне задоволен од работата на министерот Лимани и дека тој е „додадена вредност“ во Владата. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ