сабота, јуни 6, 2026
Дома СКОПСКА Отстранети дивите тезги на влезот во Старата скопска чаршија

Отстранети дивите тезги на влезот во Старата скопска чаршија

75

Во текот на ноќта се отстранети нелегално поставените објекти на влезот во Старата скопска чаршија, каде што се продаваа бижутерија и сувенири.

Од Општина Центар информираат дека акцијата била реализирана по наредба на овластен градежен инспектор од Секторот за инспекциски работи при Општина Центар, врз основа на претходно извршен вонреден инспекциски надзор.

Со решението било наложено нивно отстранување, по што лицата постапиле согласно истото и во доцните вечерни часови самостојно ги демонтирале тезгите.

Со ова, како што велат општинските власти е расчистен еден од најфреквентните влезови во чаршијата, кој подолг период беше исполнет со импровизирани штандови што го нарушуваа изгледот на просторот и го отежнуваа движењето на пешаците.

-Редот мора да важи за сите. Нема да дозволиме јавниот простор да се узурпира и да се нарушува изгледот на едно од најзначајните културно-историски подрачја во Скопје. Ќе продолжиме со контроли и ќе постапуваме секаде каде што има бесправно поставени објекти, во интерес на граѓаните и посетителите – изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Акцијата се реализирала со поддршка на Град Скопје и јавните претпријатија.
Од Општина Центар најавуваат ќе продолжат со засилени инспекциски контроли, со цел зачувување на јавниот ред, урбаниот изглед и безбедното движење на граѓаните.

 

ИЗДВОЕНИ