Преку присутните изданија и специјално подготвените промотивни материјали, Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) ја претставува богатата и разновидна домашна продукција за деца на престижниот Саем во Болоња, кој се одржува од 13 до 16 април. Годинава, МАИ првпат има свој самостоен штанд на кој во фокусот се 32 македонски автори за деца и 19 илустратори, чии дела и визуелни светови сведочат за квалитетот, современоста и за креативниот потенцијал на македонската книжевност и издаваштвото за деца.
На штандот на МАИ, кој се наоѓа во халата број 30, се изложени репрезентативни изданија (сликовници, романи и едукативни публикации), како и внимателно подготвени каталози и промотивни материјали наменети за странските издавачи, литературните агенти, илустраторските студија и за професионалците од областа на издаваштвото за деца.
– Преку овој настап, целта е да се зголеми видливоста на македонската литература за деца на светската издавачка сцена, да отвори нови можности за преводи и издавачки партнерства, како и да воспостави нови, професионални контакти со луѓе од целиот свет. Настапот на Саемот во Болоња е исклучително важен за промоцијата на македонските автори за деца и илустраторите во меѓународни рамки. Преку нашиот внимателно осмислен штанд, изборот на најквалитетните изданија за деца во националниот каталог и придружните промотивни материјали, испраќаме јасна порака дека македонската книжевност за деца е подготвена за светската публика – велат од Македонската асоцијација на издавачи.
Присуството на МАИ во Болоња е уште еден значаен чекор во стратешкото и континуирано меѓународно претставување на македонската книжевност, со особен фокус на најмладата читателска публика и на современата илустрација. Претставувањето е поддржано од македонското Министерство за култура и туризам.
Инаку, Саемот на книги за деца во Болоња важи за највлијателен светски настан во областа на литературата за деца и млади.
Годинава, на него се претставуваат околу 1.500 изложувачи од 90 земји од светот и се очекуваат над 33.000 професионални посетители.












