
Најавено е дека на погребот ќе присуствуваат високи функционери и претставници од повеќе од 30 земји, меѓу кои и од Русија, Кина, Пакистан, Индија, Грузија и од Куба, како и верски лидери од 90 земји, но синот на ајатолахот и негов наследник, Моџтаба Хамнеи, рече дека нема да учествува во церемониите поради сериозни безбедносни закани. Иранската армија е во состојба на висока готовност за неколкудневниот погреб, а пекарите од целата држава најавија дека ќе испечат 50 милиони парчиња леб за луѓето што ќе дојдат на погребот. Воениот командант на Иран ги предупреди САД и Израел да не напаѓаат под никакви околности
По повеќе од четири месеци откако беше убиен, Иран ја почна церемонијата за погребот на ајатолахот Али Хамнеи.
Иранските власти најавија дека ја подготвиле најголемата државна погребна церемонија во историјата на државата, која ќе трае шест дена, ќе се одржи во пет града, вклучувајќи и градови во Ирак. Претходно, синот на Али Хамнеи, Моџтаба Хамнеи, кој е и негов наследник, најави дека нема да се појави на погребот, поради сериозни безбедносни закани од израелските претставници насочени кон иранските лидери.
Ковчезите со останките на убиениот ајатолах и на неколкумина членови на неговото семејство, кои загинаа во истиот напад на 28 февруари, веќе се изложени во комплексот за молитва во Големата џамија во Техеран, а церемониите ќе продолжат до понеделник со погребна поворка по улиците на иранскиот главен град, објавува „Ал Џезира“. На 7 јули, погребната поворка ќе се пресели во светиот град Ком, а потоа во градовите Наџаф и Кербала во Ирак. Телото на Хамнеи ќе биде вратено во Иран, каде што ќе биде погребано во неговиот роден град, Машхад, на 9 јули, а се очекува на погребната церемонија да присуствуваат ужалени од целата земја и од странство.
Иранските власти објавија дека на државниот погреб очекуваат присуство на околу 15-20 милиони луѓе, а полицијата прогласи состојба на висока готовност за да го обезбеди настанот. Како што е најавено, на погребот ќе присуствуваат високи функционери и претставници од повеќе од 30 земји, меѓу кои и на Русија, Кина, Пакистан, Индија, Грузија и на Куба, како и верски лидери од 90 земји.
Бригадниот генерал Мохамад Акрамини објави дека иранската армија е во состојба на висока готовност пред неколкудневниот погреб на Хамнеи и дека иранските сили се подготвени за доаѓањето на високите функционери и на верските и политичките личности од различни земји.
– Копнените, поморските и воздушните сили на армијата го прошируваат своето активно присуство преку границите на земјата за да помогнат во одржување на безбедноста – изјави Акрамини за новинската агенција ИРНА.
Организацијата „Басиџ Асања“ објави дека, со учество на синдикатите на пекарите низ целата земја, се подготвуваат 50 милиони парчиња леб за погребот на Али Хамнеи и за таа цел се распоредени 16 мобилни пекарници во Техеран и во неговите предградија.
Во пресрет на погребот, воениот командант на Иран ги предупреди САД и Израел да не напаѓаат под никакви околности, објави „Ројтерс“.
– Ги предупредуваме непријателите на Иран, особено САД и ционистичкиот режим (Израел), да избегнат каква било погрешна процена и да ги разгледаат острите одговори што би ги дале нашите вооружени сили на каква било закана или агресија врз нашата земја – изјави Али Абдолахи, командант на Централниот штаб во Хатам ел Анбија, во соопштението објавено од државните медиуми.
Слично соопштение издаде и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, кој рече дека Техеран ќе одговори веднаш и енергично на секоја закана за неговиот народ или лидери, по изјавата на израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, дека сегашниот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, син на покојниот ајатолах Али Хамнеи, е „осуден на смрт“.
Шефот на Организацијата за цивилно воздухопловство на Иран најави дека ќе бидат воведени привремени ограничувања на воздушниот простор над неколку града, вклучувајќи ги Техеран и Машхад.











