Водителка, пејачка и ТВ-новинарка, Јулија Мицевска, објави потресна порака на самиот ден на роденденот на својата почината ќерка и уметница, Андријана, која, за жал, замина од овој свет многу млада, на 12 мај 2022 година. По тој тажен повод, Јулија одржа манифестација, пред многу присутни, во Музејот на македонската борба, насловена „Љубов за сите“ – емотивен настан што ќе се памети засекогаш.
Младата Анчи почина на 41 година, по тешка борба со ракот.
– Денеска е твојот роденден, Анчи мајкина. Што можев да направам за тебе, душо ангелска, освен песна да ти подарам, песна од која и небото ќе се затресе, песна што ќе допре илјадници срца, песна што ќе ја пеат неутешните мајки, мислејќи на своите ангели. Тоа е песна што никого не остава рамнодушен и, сакал или не, во еден момент ќе му излета од грлото „Андријана, ангел небесен“. Песна што ќе утешува, исцелува, трансформира, спојува, ќе дарува љубов за сите. Токму онака како што го замислуваше животот ти. Мојата Ан.
Те љубам, чедо мајкино, до вечноста. Го молев Бога јас да отидам наместо Ан. Го молев. Но, не се случи тоа. Бог имал друг план. Како јас, која верувам во Бога, да го прифатам тој план, дека мораше да отиде моето дете кај Него. Многу мајки, многу родители што ќе ги загубат своите деца, се прашуваат тоа – кратко и искрено кажа Јулија.
По овие нејзини зборови, настана молк, бидејќи сите ја чувствуваа смислата на секој нејзин искрен збор.
(Д. М.)












