Карлик Џонс беше повторно херој на Партизан, откако на тимот од Белград му донесе победа против Асвел во последната секунда (79:78). Тој изнуди фаул, го погоди првото слободно фрлање, а потоа намерно го пропушти второто затоа што на семафорот остануваше една секунда, недоволна за напад на спротивната страна.
- Беше тешка, грда победа за нас, но, генерално, добра. Не сакавме да чекаме до крајот, но така беше. Идејата беше да го пропуштам вториот шут. Бев нервозен, не знам како намерно да утнам шут, изгледаше како да ќе влезе во мрежата. Отскокна, нивниот висок играч ја фати и заврши. Сакав да го погодам првиот, на тоа бев фокусиран, го пропуштив вториот, ако некој погодеше шут од целиот терен, можев само да им честитам, започна Карлик.
Инаку, Карлик Џонс беше во центарот на вниманието поради својот агент, Џош Гудвин, кој имаше интересна објава на „Инстаграм“. Тој ги постави амблемите на сите клубови од Евролигата, ја стави Црвена звезда пред Партизан и праша „Каде оди Џонс?“
Поради ова, плејмејкерот беше прашан за таа објава.
- И претходно кажав дека ми се допаѓа тука, дека сите го сакаат тоа што сум тука. Не му обрнувајте внимание на мојот агент. Му фалат неколку шрафови во главата. Тој е шегаџија, не требаше да го споменува тоа, особено со друг тим што е преку улицата. Не мислам дека е нешто сериозно, не би обрнал внимание на тоа.











