недела, февруари 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА На местото на стариот суд ќе се гради митрополија на Струмичката епархија

На местото на стариот суд ќе се гради митрополија на Струмичката епархија

68

На местото на зградата на стариот суд, која е во руинирана состојба, ќе се гради митрополија на Струмичката епархија. Едногласно беше донесена оваа одлука на последната седница на Советот на Општина Струмица. Предлог-одлуката за давање на трајно користење на објект на МПЦ – Струмичка православна епархија пред советниците ја образложи градоначалникот Костадин Костадинов.

– Ние сме една од ретките општини, една од ретките епархии што немаат своја митрополија и мораме да го коригираме тоа. За таа цел, одлучивме тоа да биде стариот суд, за кој се обезбедени заштитно-конзерваторски извештаи од Општината, подготвен е проект, изготвена е пресметка и за уривање и за градење митрополија и би сакал да ги запознам и советниците и граѓаните со нив – објасни Костадинов.

Тој информираше дека потребните средства за уривање се 1.404.962 денари, а за изградба на митрополија 31.257.631 денари, согласно со пресметките.

– Убеден сум дека Струмичката епархија, заедно со силната поддршка од Општина Струмица и заедно со многу одговорни компании, ќе успее да го реализира она што го заслужуваат верниците од Општина Струмица – потенцираше Костадинов.

На седницата, воедно беа усвоени и предлог-одлуките за продолжување на работното време на угостителските објекти во текот на карневалските празнувања и за спроведување превентивна дезинсекција, дезинфекција и дератизација на подрачјето на Општина Струмица за 2025 година, како и други одлуки и решенија од различни области.

 

ИЗДВОЕНИ