„Делиме уверување дека нашите земји се две големи, независни нации кои сакаат такви и да останат“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон пред канадскиот премиер Марк Карни во неделата во Сен Пјер и Микелон, додека Карни изрази желба за „зајакнување на врските“ меѓу Отава, Париз и Европската унија. Двајцата лидери ја потврдија сувереноста на своите земји наспроти агресивните потези на Доналд Трамп.
Американскиот претседател редовно ѝ се заканува на Канада со анексија и неодамна објави мапа на Северна Америка покриена со американското знаме – мапа што ја вклучуваше и француската прекуморска територија Сен Пјер и Микелон.
„И двајцата веруваме во демократијата, владеењето на правото, почитувањето на меѓународното право, почитувањето на слободната и фер трговија и науката како основа за нашите одлуки, а исто така, се залагаме за стратешка автономија. Тоа е она што длабоко ги поврзува Канада и Франција, како и Канада и Европската унија“, нагласи Емануел Макрон.
Франција и Канада ќе работат на „поблиски врски“ во областите на „риболовот“, „безбедноста“ и „енергетиката“, потврди францускиот претседател.
„Канадските проекти за течен природен гас се важни за нашата Европа и ќе помогнат да се отворат нови можности меѓу нашите две земји“, додаде Макрон во однос на „чувствителното“ прашање за снабдувањето со енергија.
За време на својата прва посета на оваа француска територија, лоцирана на само неколку километри од Канада, Марк Карни рече дека „дојде време да се зајакнат врските меѓу Канада и Франција, како и меѓу Канада и Европската унија“.
„Да се биде независен значи повеќе од способноста да се прехраниме, да имаме енергетски ресурси или да се браниме. Тоа бара безбеден пристап до вештачката интелигенција, вселената, полупроводниците, клучните минерали и чистата енергија“, а „во овој контекст, Канада и Европа ќе изградат сојуз за иднината што ќе ја зајакне нашата заедничка отпорност“, рече Карни.
Канадскиот премиер, исто така, ги повика Канада, Франција, САД и Кина – четирите земји што „го предводат развојот на вештачката интелигенција“ – „да ги здружат силите“ и да ја направат таа технологија „побезбедна и поефикасна“.












