Братот на принцезата Дијана, Ерл Спенсер, го обвини кралот Чарлс дека се обидува да го убеди дека не се сеќава на еден разговор, што го воделе пред погребот на принцезата. Во својата нова книга, Спенсер наведува дека тогашниот принц од Велс, пред погребот на Дијана, преку телефон му рекол: „Биди сигурен, наскоро ќе ја заборавиме“.
Како одговор на овие тврдења, Бакингемската палата изјави дека болката од загубата на близок член на семејството може да го замати расудувањето, да влијае врз перцепцијата и да ги измени сеќавањата на начини што другите можеби нема да ги препознаат – дури и години подоцна – пренесува британскиот весник „Телеграф“.
Спенсер го опиша овој одговор како „прилично лоша имитација“ на познатата фраза „сеќавањата може да варираат“, употребена од покојната кралица Елизабета по телевизиското интервју на принцот Хари и Меган Маркл со Опра Винфри.
„Не се случува секој ден да се разбудите и да сфатите дека кралот ве натерал да се сомневате во сопственото сеќавање“, рече Спенсер.
Тој го оцени одговорот на Палатата како провокативен и како „низок удар“, тврдејќи дека тој сугерира оти лаже, без директно да го побие неговото тврдење. Спенсер додаде дека неговите наводи нема да бидат изненадување за принцовите Вилијам и Хари. Тој исто така изјави дека знае многу работи за кралот кои одлучил да не ги вклучи во книгата, но нагласи дека тоа не претставува закана.
Тој рече дека ја поддржува монархијата, но сака таа да биде помодерна.
Зборувајќи за принцот Хари и Меган Маркл, Спенсер рече дека начинот на кој медиумите се однесуваат кон нив го потсетува на третманот што го добивала неговата сестра. Тој го опиша ова медиумско влијание како „канцерогено“ и рече дека Дијана била „навистина доведена до дното“ од медиумските критики.
Спенсер исто така изрази загриженост поради фактот што Хари нема полициска заштита, истакнувајќи дека како вујко кој бил сведок на смртта на својата сестра под околности кои – како што рече – можеле да се спречат, тој природно би ја поддржал неговата заштита.
Тој инсистира на тоа дека едноставно ја кажува вистината за кралот.
Спенсер повтори дека коментарите на Чарлс за Дијана биле „монструозни“, наведувајќи дека тогашниот принц од Велс бурно реагирал на прашањата поврзани со организацијата на погребот и зборувал за семејната должност, за потоа да каже: „Наскоро ќе ја заборавиме“. Според Спенсер, тој веднаш ги известил блиските пријатели и членовите на семејството за тој разговор, а сега, години подоцна, едноставно го прераскажува она што го памети. Принцезата Дијана загинал на 31 август 1997 година во сообраќајна несреќа во тунелот „Алма“ во Париз, додека автомобилот во кој се наоѓала се обидувал да им побегне на папараците.












