Знае да се носи со товарот на популарноста!
„На ден-два пред промоцијата, некои од колегите ми пратија порака со текст дека нема да успеат да дојдат. Мислам, што да кажам, освен дека тоа е нивни избор, нели?! Јас ништо не сум им згрешила. Има и такви кои воопшто не ми возвратиле на поканата. Игнорирањето ни најмалку не ме боли!“
Без пуста завист и љубомора, а за кои во медицината постои дијагноза дека е болест, оваа нашата малечка естрада, таква каква е, очигледно, не може да функционира. Сè ќе ти простат, и најголемиот срам, ама успесите, не, па не! Последниот свеж пример за оваа тажна констатација е гала-промоцијата на популарната поп-пејачка, Антониа Гиговска. Атрактивната пејачка неодамна, по промоцијата, гостуваше кај исто така атрактивниот пејач и јутјубер, Марио Арангеловски, кај кого откри кои од колегите ја испочитувале со тоа што дојдоа на промоцијата, а кои воопшто не ѝ ни возвратиле на поканата. Игнорирањето не ја заболе Антонија, туку и ги отвори очите, за да си знае со кој сè има работа!
– На ден-два пред промоцијата, некои од нив ми пратија порака со текст дека нема да успеат да дојдат. Мислам, што да кажам, освен дека тоа е нивни избор, нели?! Јас ништо не сум им згрешила. А, сакам да истакнам дека ми дојдоа на промоција оние од кои не очекував дека ќе дојдат. Затоа и бев почестена со нивното присуство. Многу им благодарам на јутјуберот Стефан Лазаров и на пејачката Мартија Станојковиќ, без разлика на тоа какво минато сум имала со нив.
Антониа во секој поглед знае да изненадува, не само со песните туку и со имиџот. Таа кај Марио во поткаст дојде облечена во провокативно розово здолниште, чорапи над колената и градник од тантела со сиво палто. Некој од нејзините ФБ-следбеници тоа го нарече како копија на Јелена Карлеуша, некои безобразно прашаа во коментарите „Арно ли е девојчето“? Ете, толку ја „разбираат“ естрадната сцена на која речиси и да нема нешто што би било забрането. Не се прави разлика од професија до професија. Антониа е пејачка, не е во аптека, банка, пошта или во војска, за да биде закопчана до устата.
А, устата на голем број луѓе е секогаш полна со трачови, злоба, кавги, лоши коментари. Едноставно речено, такви станавме и како народ, последниве десетина години. Разочарани. И не правиме разлика на кого и каде им ги упатуваме зборовите од кои може лесно да се повраќа, доколку не стоите цврсто и трезвено на земја. Антониа, цврсто стои и не возвраќа на таквите завидливи коментари и озборувања. Многу добро знае да се носи со тежината на популарноста. Среќна е како мајка и како сопруга.
Таа искрено открива дека нејзиниот албум „Жена“ ја чинел колку еден мал стан. – Преку 60.000 евра ми отидоа од паричникот за сè ова што сум го создала. На албумот работев со Лазар Цветковски, Дарко Димитров, а имам една песна и со Роберт Билбилов. Така што, општо кажано, сосема сум задоволна. На злобните коментари не одговарам, бидејќи се безначајни за мојата пејачка кариера.
(Д. М.) фото: ФБ-архива












