Клиентите на АЛТА банка во Србија ќе можат да ги подигнат своите осигурени депозити во износ до 50.000 евра по депонент. Агенцијата за осигурување на депозити соопшти дека до 6 ноември ќе го објави датумот на почеток на исплатите, како и списокот на експозитури каде што ќе бидат достапни средствата.
Банката Поштенска Штедилница е избрана за институција преку која ќе се врши исплатата на осигурените депозити на клиентите на АЛАТ банка – субјект за кој Трговскиот суд во Белград покрена стечајна постапка, соопшти Агенцијата за осигурување на депозити (АОД).
Право на исплата имаат физички лица, претприемачи, како и микро, мали и средни правни лица, до износ на осигурениот лимит од 50.000 евра по депонент во банката. Агенцијата на својата веб-страница, најдоцна до петок, 6 ноември, ќе го објави точниот датум за почеток на исплатите и списокот на експозитури на Поштенска Штедилница каде што клиентите ќе можат да ги подигнат своите средства.
Поштенска Штедилница е одредена за банка преку која ќе се врши исплатата, согласно одлуката на Управниот одбор на Агенцијата, а самата Агенција, пак, е назначена за стечаен управник на АЛТА банка.
Кој има право на исплата?
Според АОД, системот за осигурување на депозити ги штити средствата на граѓаните, претприемачите и микро, малите и средните правни лица, без оглед на валутата или видот на сметката што ја имале во банката. Максималниот износ на осигурени средства по депонент во АЛТА банка изнесува 50.000 евра. Овој лимит се однесува на вкупниот износ на осигурени средства, а не на секоја сметка поединечно.
„На сите осигурени лица ќе им биде овозможен пристап до средствата што ги имале во АЛТА банка преку одредената банка за исплата – Поштенска Штедилница. Депозитите во динари ќе се исплаќаат во динари, додека девизните депозити ќе се исплаќаат во евра“, наведуваат од Агенцијата.
Агенцијата е должна да ја започне исплатата на осигурените износи во рок од седум работни дена од денот на отворањето на стечајната постапка. Депонентите ќе имаат рок од три години за да ги побараат своите осигурени износи.
Деталите во врска со датумот на почеток на исплатите и конкретните експозитури каде што можат да се подигнат средствата ќе бидат објавени на веб-страницата на Агенцијата за осигурување на депозити (АОД). Агенцијата, исто така, најави дека клиентите ќе бидат информирани за понатамошниот тек на постапката преку медиумите.
Фондот за осигурување на депозити располага со доволно средства за покривање на исплатата на сите осигурени износи на депонентите на АЛТА банка, нагласија од Агенцијата.
Понатаму, сите оперативни капацитети се мобилизирани за да се осигури процесот на исплата да биде што е можно поефикасен. На 30 октомври, Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на АЛТА банка – по спроведени надзорни контроли и воведување привремени мерки – со цел заштита на депонентите и другите доверители, како и спречување на негативни влијанија врз општеството и економијата.












