Со новата реформска стратегија до 2030 година, „МЖ – Транспорт“ планира финансиска стабилизација, модернизација на возниот парк и зајакнување на товарниот железнички транспорт. Фокусот е ставен на зголемување на транзитниот сообраќај и подобро искористување на потенцијалот на Коридор 10 како клучна железничка врска меѓу Централна Европа и егејските пристаништа. Реформите се поддржани од Владата и од меѓународни финансиски институции

Железничкиот товарен транспорт во Македонија започнува нов циклус на реформи со кои националниот оператор треба да се стабилизира финансиски, да се модернизира оперативно и да ја зајакне својата позиција на регионалниот пазар. Процесот е дел од пошироката стратегија „Реформска архитектура 2026 – 2030“, која треба постепено да ја трансформира компанијата во поефикасен и поконкурентен железнички оператор.

Според генералниот директор Дејан Кошутиќ, реформската рамка се темели на три клучни документи: Реформската агенда за железничкиот сектор, Акцискиот план 2026 – 2027 и Бизнис-планот 2026 – 2030. Тие треба да создадат основа за долгорочна стабилизација и развој на компанијата, со фокус на финансиската одржливост, подоброто управување и порастот на товарниот транспорт.

– Железници на Република Македонија – Транспорт започнува структуриран процес на стабилизација и модернизација на националниот железнички оператор, во рамки на Реформската архитектура 2026 – 2030, истакнува Кошутиќ, додавајќи дека реформите треба да постават долгорочни основи за развој на железничкиот сектор.

Реформата доаѓа во период кога железничкиот транспорт во земјата со години се соочува со структурни проблеми – застарен возен парк, ограничени инвестиции и силна конкуренција од патниот транспорт. Новата стратегија има за цел да воспостави системски пристап кон модернизацијата, комбинирајќи краткорочни стабилизациски мерки со долгорочни развојни политики.

Акцискиот план за периодот 2026 – 2027 е насочен кон оперативно закрепнување и подобрување на управувањето во компанијата. Во оваа фаза се предвидува зајакнување на корпоративното управување, подобра контрола на трошоците и поефикасно управување со ресурсите. Дополнително, се планира модернизација на системите за одржување на локомотивите и вагоните, како и поголема транспарентност во финансиското работење.

– Реформската рамка опфаќа институционално зајакнување и корпоративно управување, оперативно закрепнување и модернизација на одржувањето, финансиска стабилизација и транспарентност, како и развој на товарниот транспорт и логистички партнерства, посочува Кошутиќ.

Паралелно со краткорочните мерки, Бизнис-планот 2026 – 2030 ја поставува долгорочната стратегија за пораст на компанијата. Во него централно место има развојот на товарниот железнички транспорт, кој се смета за главен двигател на идните приходи. Планот предвидува засилување на логистичките партнерства, подобрување на интермодалната поврзаност и зголемување на капацитетите за транзитен товарен сообраќај.

Со оглед на географската позиција на земјата, железницата има потенцијал да игра значајна улога во регионалниот транспорт, особено како транзитна врска меѓу Централна Европа и пристаништата на Егејското Море.

Во рамките на реформската стратегија се предвидени и конкретни инвестиции во модернизација на системот. Тие вклучуваат дигитална трансформација на управувањето, подобрување на енергетската ефикасност, модернизација на работилничките капацитети, обновување на возниот парк и инвестиции во развојот на човечките ресурси.

– Паралелно се планираат инвестиции во дигитална трансформација, енергетска ефикасност, модернизација на работилничките капацитети, обновување на возниот парк и развој на човечки ресурси, нагласува Кошутиќ.

Реализацијата на реформите се потпира и на поддршка од меѓународните партнери. Во процесот се вклучени Владата, Министерството за транспорт, како и институции како Светската банка, Европската банка за обнова и развој и Европската Унија, кои обезбедуваат финансиска и техничка поддршка за модернизација на железничкиот сектор.

Во стратегијата, посебно место има Коридор 10, кој претставува главна железничка оска во земјата и клучна врска меѓу Централна Европа и егејските пристаништа. Подобрувањето на неговите капацитети се гледа како предуслов за зголемување на транзитниот товарен сообраќај и за поголема интеграција на Македонија во европските транспортни мрежи.

– Со силна поддршка од Владата и од меѓународните партнери, започнуваме структурна трансформација на националниот железнички оператор – истакнува Кошутиќ, додавајќи дека крајната цел е создавање „модерен, сигурен и конкурентен железнички систем кој ќе придонесе за економски развој и подобра регионална поврзаност“.

Сепак, успехот на реформскиот процес ќе зависи од практичната имплементација на предвидените мерки. Железничкиот сектор во Македонија има долга историја на стратегии и планови кои често се соочувале со институционални и финансиски ограничувања. Доколку реформите се спроведат според планираната динамика, националниот железнички оператор би можел постепено да се трансформира во поефикасен и поконкурентен играч на регионалниот транспортен пазар.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ