понеделник, август 3, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА МВР го расветли бруталното насилство во Гостивар: Идентификувани тројца осомничени, меѓу нив...

МВР го расветли бруталното насилство во Гостивар: Идентификувани тројца осомничени, меѓу нив и двајца малолетници

1
video screenshot

Полицијата го расветли случајот со бруталното насилство во Гостивар, откако по објавувањето на вознемирувачка видео-снимка на социјалните мрежи биле преземени интензивни мерки и активности за идентификување на учесниците во инцидентот.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 2 август 2026 година, во 22:20 часот, во ОВР Гостивар, 22-годишниот А.В. од Гостивар пријавил дека истиот ден, околу 02:30 часот, на улицата „Борче Јованоски“ тој и неговиот пријател Л.Е. биле физички нападнати од три непознати машки лица.

Според пријавата, напаѓачите употребиле тврди и дрвени предмети.

За случајот веднаш бил известен дежурен јавен обвинител, а по негови насоки и во координација со надлежниот обвинител, полициските службеници од ОВР Гостивар ги презеле сите потребни дејствија и ги идентификувале тројцата учесници во насилниот настан.

Во полициска станица на службен разговор биле повикани двајца малолетници од Гостивар, на кои, по наредба на јавен обвинител, им биле одземени патните исправи. Третото осомничено лице е В.Д. (20) од Скопје, за кого е испратена телеграма до СВР Скопје за понатамошно постапување.

Од МВР најавуваат дека по целосното документирање на случајот, во текот на утрешниот ден, по брза постапка, против осомничените ќе биде поднесен соодветен поднесок и тие ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка.

Случајот предизвика бурни реакции во јавноста откако на социјалните мрежи беше објавена вознемирувачка снимка од брутална групна тепачка меѓу млади лица. На снимката се гледа како поголема група млади лица се пресметуваат на улица, а во еден момент едно од момчињата добива силен удар со нога во главата, по што паѓа на земја и останува неподвижно.

Насилството не запира ниту тогаш. Додека момчето лежи на земја, друго лице му приоѓа и повеќепати го удира со дрвена прачка по грбот, при што прачката се крши од силината на ударите.

Вознемирувачките сцени предизвикаа бројни реакции и осуди на социјалните мрежи.

ИЗДВОЕНИ